речник контакт

Илија Мајсторов е најстариот велешки пушкар

И покрај годините, 88 на број, тој знае да фати в рака огнострелно оружје и да го поправи. Не се предава пред годините, туку смело се носи со нив и спомените од минатите времиња.

Петар Печков

 Илија Мајсторов е најстариот  велешки пушкар. И покрај годините, 88 на број, тој знае да фати в рака огнострелно оружје и да го поправи. Малкуте муштерии кои доаѓаат на неговата врата не се вратени, туку напротив услужени. Тој не се предава пред годините, туку смело се носи со нив и спомените од минатите времиња.  За овие триесет години како што ја работи како пушкар, низ неговите раце минале илјадници парчиња оружје, не само од Велес, туку од цела Македонија.

Добриот глас на далеку се слуша, исто како што се слуша и истрелот од пушката. Така и мене ме знаат многу сопственици на оружје не само до градот туку и од државата. Нема што не сум сработил, пушка, пиштол, ловџиска, секој вид го знам и го работам. Иако не одам повеќе во дуќан, туку сум дома, доаѓаат стари познаници, ќе заѕвонат, ќе донесат оружје а не можам да ги вратам. Ќе го сработам и по некој ден ќе го земат. Не работам како некогаш ама сопствениците кои ме знаат каде живеам, доаѓаат и бараат помош – вели Илија.

Ова е семеен занает, кој малкумина го знаат и во Македонија. Тој го наследил од татко си Тоде и неговите браќа. Кога во 1982-та заминал во инвалидска пензија, место не го држело да седи дома, па доаѓал на дуќанот, кај велешани познат како  ,, Кај Мајсторчињата,, кои се занимавале со прецизна механика, меѓу другото поправале и машини за чукање, машини за шиење. 

Тие биле четворица браќа, и сите меѓу другото биле и пушкари, едни од малкуте тогаш и во Македонија, едниот од нив Стефан престојувал и работел во познатата  германска фабрика ,,Круг,, на усовршување.  Во 80-те години од минатиот век, татко му Тоде бил во години ги враќал муштериите кои барале да се поправи нивното оружје и додека тој  ги враќал, Илија ги прибирал и поправал. И тоа само од гледање како  работат постарите. Така од 1982-та го продолжил семејниот занает пушкар. За нивната работа сведочат дузината тефтери во кој се запишани сите поправки на огненото оружје од 1945-тата година наваму.

Сите поправки на пушки, пиштоли татко ми и неговите браќа беа должни да ги евидентираат. Запишуваа име и презиме, кој дефект и колку време, кога е донесено и кога е подигнато оружјето. Такви беа правилата, тоа ни го бараше милицијата. Имавме еден случај кога еден човек на правдина бил обвинет дека сторил нешто, но кога се истражуваше се најде во книгата, дека неговата пушка во тој период била кај нас на поправка и го пуштија – објаснува Илија. 

Вели дека не работи за пари, бидејќи пензијата му е доволна за живот, но ова го прави од задоволство. Тагува за времињата кога во нивниот дуќан се собирале друштво и додека тој поправал, со муабет, чашка и песна времето брзо минувало а  задоволството било големо. Можеби не е за верување но мајстор Илија тврди дека  поправал најмногу руските пушки.

Руските пушки се квалитетни како машина, како апарат, ама материјалот беше слаб. Не е тоа  како германски Круг. И  оружјето на  крагуевачка ,,Застава,, се покажа подобро а најдобра фабрика за пушки на Балканот беше ,,Пушкарна ,, од Крањ, прима класа беа тие, врв на квалитет.  Потоа работев на бронирање на пушките, полирање да бидат црни однадвор – вели Мајсторов.

Се присетува дека  во фамилијарниот дуќан на браќата Мајсторови, прв во Велес, во 30-тите години на минатиот век, во излогот се продавале пиштоли, толку бил либерален  тогашниот закон. Таму бил поставен препариран орел и на секој нокот  бил закачен по еден пиштол.  Тој се сеќава дека уште како дете, веднаш по  последниот школски час доаѓал во дуќанот и гледал како татко му и чичковците работат. Сега иако со 88 години и ослабен вид, работи но поскромно, иако некои од муштериите го заборавиле, откако не оди в дуќан.

Поправа и машини за шиење, од тие старите ножни до новите електричните. Најмногу работа имал кога на старите машини вградувал електромотор за да работа на струја. Илија има завршено за технолог, работел  како професор во Хемиското училиште, Маслодајна, бил од формирањето во Топилницата и во Фабриката за вештачко ѓубре. Интересно е што името го добил по војводата Илија Кушев, кој бил убиен 1924-тата и иако требало да биде крстен  Игно по дедото, се случил тој настан, па така го добил името. Тој е горд што Мајсторови  ја имале првата колонијална продавница во Велес, сместена под Градскиот саат, каде и денес се просториите.

Но тие се затворени со железни капиџици и се само убав спомен на едно далечно време.  Спомен на тој дуќан е и семејниот грамофон донесен од Лондон, кој се уште е во употреба и на кој одлично се репродуцираат тогашните плочи. За доказ ја пушти ,,Соле мио,, од некој италијански оперски уметник. Овие грамофони оделе како алва, најмногу ги купувале  турците од градот.

Во Велес браќата Мајсторови биле меѓу првите во Велес кои имале кола и тоа марка ,,Прага,,. Ја купиле во 1935-тата година од инженерите кои  ја граделе и одржувале  железничката  пруга Велес – Прилеп.

Во тоа време во Велес имаше три коли, едната беше на Лазо Кртот, втората на Трајко Ѕиката и двајцата имаа кина и третата кола беше на еден таксист. Уште тогаш градот имаше свое такси. Нашата беше кабриолет, со кожни седишта, стара ама ние ја обновивме – вели Илија Мајсторов. Тоа докажува дека и пред 70 години добро се живеело од поправки на оружје, машини за куцање, од колонијална продавница...

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »