речник контакт

Интервју со д-р Михаил Кочубовски за здравствената состојба на велешани

Интервју со д-р Михаил Кочубовски од републичкиот завод за здравствена заштита од Скопје за здравсвената и еко состојбата во Велес

Петар Печков

Како тридецениското работење на Топилницата влијаеше врз здравјето на велешани  и еко системот, почвата, водата и воздухот?

- Проблемот во Велес со загадувањето од Топилницата е долгогодишен, за среќа во 2003-тата таа престана да работи, но не значи дека проблемот е затворен. Во 2001-та, уште додека таа работеше започнавме со испитувања и тогаш голем проблем беше загадувањето со воздухот и почвата, и на одредени земјоделски култури во  непосредната околина. Откако престана да работи Топилницата, забележано е драстично подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, во однос на оловото и кадмиумот. Проблемот опстојува кај почвата, нејзината загаденост. Оловото и кадмимот се тешки  загадувачки метали, кој не можат да се отстранат ако не се отстранат механички, физички, хемиски не можат. Конкретно со ископ на првите 40 см од почвата, до каде таа во велешко е загадена и пренесување во некој напуштен рудник, каде нема да влијаа на други луѓе. Или пак со фиторемедијација, да се садат култури кои не се храна за луѓето, животните, тие ќе се апсорбираат во нив. Можеби е добро со засадување на маслодајна репка, која потоа ќе се употербува за добивање на еко –гориво, ем ќе се чисти почвата ем од културата ќе иам економска корист. Но треба да се внимава преку ланецот на исхрана да не дојдат до човекот или животното затоа и ти можат да се депонираат во напуштен рудник, каде нема подземни води за да не се загадува околината. Или да не го пренесуваме проблемот од Велес на друго место. Добра вест  е што за сите години водата во велешко никогаш не покажала загадување со тешки метали. Но не треба да се заборави на големиот проблем, јаловиштето на згура, лоцирано до Топилницата, во кое има олово и кадмиум.

Од што велешани треба да се чуваат сега, кога Топилницата не работи?

- Почвата и јаловиштето се проблемот кој треба да се реши. Тој сам нема да се елиминира треба ние тоа да го сториме, само треба да се избере начинот на кој ќе се санира почвата и јаловиштетот.

Вие го работевте најобемниот проект во периодот 2004/6 за здравствената состојба на велешани, финансирана од страна на Владата. Што покажа тоа?

- Координатор на овој проект беше Републичкиот завод за здравствена заштита, Заводот за здравствена заштита на Велес, Клиниката за детски болести Скопје, Институт за медицина на трудот и Медицински центар Велес. Заеднички учестувавме во програмата и дадовме финален извештај до Владата, преку Министерството за здравство. Во него како финален заклучок наведовме дека постои евидентен здравствен и еколошки ризик, поради загаденоста на медиумот- почвата, кој мора да се реши. Во решавањето треба да се вклучат надлежните Министерства за образование и социјални работи  како и локалната власт. Треба да се санираат јавните  површините во училиштата и детските градинки, игралиштата  и кругот на овие институции. Треба да се смени почвата, тревата, земјата, песокта, да се засадат дрвца, цвеќе. Проблем создава и јаловиштето кога дуваат силни ветрови но и интензивен сообраќај или градежни работи, кога се врши подигнување на наталожената прав од земјата во воздухот. Интересно е што во градот нешто се случило 2005-тата година, некаква активност или временските услови, кога имаме повисоки концентрации на оловото и кадмиумот. Што тогаш било причина за ова, треба да се испита. Министерствата за земјоделие, за животна средина и локалната самоуправа заеднички треба да работат почвата да се исчисти. Тоа не може преку ноќ, туку со континуирана акција во подолг период. На градот му треба повеќе зеленило, конкретно шума. Јаловиштето не треба да остане тука, за тоа имаше истражување, истото може да се обработи и искористат тешките метали во него.

Каква е состојбата со присуството на тешките метали во организмот кај велешани?

- Првичните испитувања од студијата во 2001- 2003-та покажаа зголемени вредности на оловото во крвта. Во 2004-тата, кога Топилница не работеше имаше големи отстапувања, немаше високи вредности на олово во крвта. Во 2005-та имаме повторно поголемо присуство на олово во крвта, што значи дека проблемот опстојува и тоа преку загадената почва. Значајно е што олово и кадмиум  во крвта има повеќе кај пушачите и кај нивните деца, кај нив има зголемени вредности. Затоа е значајна хигиената. Кај машките деца имаме повисоки вредности отколку кај девојчињата, бидејќи тие играат со земја, која е загадена. Затоа апелирам  училишните деца да се мијат раце.

Која е Вашата порака до велешани?

- Може звучи еколошки, но садете трева во дворовите. Така нема да има прашина од земјата, која е полна со тешки метали. Ова е единстениот начин да се заштитите. На градот му треба што помалку гола почва, но и во околината. Секој во својот двор нека го прави ова, за доброто на сите. Околината на градот е гола, му недостигаат шуми.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »