речник контакт

Исплатен е кредитот за улично осветлување и водоснабдување на околината на езеро Младост

Останува дилемата во јавностa колку ефект и исплатливост имаше од овој кредит, кој граѓаните ги чинеше 62 милиони денари а беше земен во 2013 година

Петар Печков

Општина Велес го исплати кредитот кој во 2013 година го зема од Светска банка а за кој Советот донесе одлука за задолжување  во 2011-та.  Според тогашната одлука   Општината   се заборчи за  90 милиони денари за реализација на два проекти  за подобрување на енергетска ефикасност на уличното осветлување што се состои во замена на постојните со нови економични светилки,  и за водоснабдување на околината од езеро Младост со вода од градскиот водоводен систем.

„На територијата на Општина Велес  во овој период  се изведе реконструкција на уличното осветлување според принципот замена на светилка со светилка. Тоа значи дека не се навлегуваше во делот на замена на столбови и канделабри.  Вкупно се заменети 3504 светилки. Во однос на водоснабдувањето приклучена е сателитската населба Бела Вода и населено место Отовица. Водоводот е предаден на стопанисување на ЈКП Дервен“ - изјавија од Општина Велс, на поставеното прашање од ТрМр.  

Според проектот на изведена состојба на сите улици во населените места на територија на Општина Велес извршена е  замена на живини светилки со моќност 125 W со натриумови светилки под висок притисок од 70 W.  Поставени се вкупно 3095 светилки од типот KOALA 1 на столбови со висина над 7 м  и 409 светилки од типот MACAO – тип 2 на столбови со висина да 4,5 м. Вкупно се заменети 3504 светилки

Во однос на водоснабдување на околината на езеро Младост,  поставен е доводен цевковод  Ф 225 мм, НП 10 од бара во должина од 1761,12 метри, кружен резервоар со запремина од 700 метри кубни и потисен цевковод од резервоарот до приклучната шахта Ф 160 НП 16 бари во должина од 3.307.26 метри.

Отплатата на задолжувањето се изврши во текот на минатите  девет години, на еднакви полугодишни ануитети, а првите  три години беа   грејс период со ЛИБОР камата. Од Општинскиот Буџет годишно се исплатуваа околу 8,1 милион денари за  овој кредит, за двете ставки.  Исплатени  биле  42 милиони  за  кредитот за водовод и 20 милиони денари за кредитот за  осветлување или вкупно 62 милиони денари. А на располагање имаше 90 милиони денари. 

„Двата проекти се само исплатливи бидејќи од штедењето со потрошената електрична енергија на економичните светилки ќе се отплатува кредитот. А пак од парите што ќе се прибираат од продажбата на градежните парцели, кои се слеваат во локалниот буџет, ќе  се овозможи динамиката на неговата исплата“ - ја образложуваше задолжувањето тогашниот градоначалник Горан Петров, во чие време беше донесена одлуката.

Но останува дилемата дали со две продадени големи парцели за овие десет години во околината на езеро Младост, за изградба на хотели   и десетина парцели во сателитска населба се овозможи исплата на кредитот. И колку квалитетно осветлување доби градот со поставените  жолти натриумови светилки, кога градоначалникот Колев најавува од следната година  промена на постојни светилки со т.н. „лед“.

Општина Велес има за исплата уште еден кредит, тој е за изградба на долниот дел од Градскиот пазар.  Кредитот е во  висина од 46 милиони денари и е обезбеден  од Светска баанка.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »