речник контакт

Историското Горно Врановци заборавено

Селаните велат, во самостојна Македонија нема дојдени ниту еден државник или политичар да го посети историското село

Петар Печков

Меморијалниот комплекс на спомен куќи од НОБ, кој се наоѓа во историското село Горно Врановци – велешко е  заборавен. Многу ретко доаѓаат посетители да го посетат извориштето на поновата македонска историја. На оваа територија од средината на септември до крајот на ноември  1944-та година, се  наоѓала извршната и законодавна власт на тогашната Федерална Демократска Македонија, Предизудмот  на НОВ, ЦК на КПМ, главниот штаб на НОБ, печатницата  Гоце Делчев и раководството на ОЗНА.

Токму и куќите каде биле сместени овие органи, денес се спомен музеи, кои ја чуваат историјата а секое навраќање таму,  враќа спомени од пред седум децении.  Но за жал тие  се многу малку посетени, заборавени, но не и  напуштени. Ги чуваат жителите на селото и  со нив се гордеат.

Многу малку посетители има. Два пати годишно доаѓа војската од велешки гарнизон. Ученици или намерници скоро и да нема. Редовни се гостите од Турција. Тие што се иселиле од селото пред половина век, секое лето идат да го видат родното огниште. И не  пропуштаат да  ги посетат спомен куќите. Тие се најредовни – вели Осман   Бајазитов еден до двете лица  од селото кои се задолжени за одржување на музеите и кај кого се наоѓаат клучевите од објектите.

Катанците се малку за`рѓани, но функционираат. Во петте спомен куќи се поместени стални поставки, на кои можат да се видат фотографии и документи од 1944-та, кога на овој простор, како слободна територија се одвивал силен  општествено - политички живот.

Горно Врановици било одбрано за дом на тогашната Македонска Влада, оти се наоѓал близу Велес и Скопје, бил на слободна територија. Од тука се воделе сите завршни операции за конечно ослободување на Македонија и донесени се повеќе важни Закони, на неколку седници, подоцна  реализирани во слободна Македонија.  Поради географската положба, од три страни  е опкружен со планини  а единствено од исток имало пат кој го поврзувал со светот и кој лесно можел да се контролира, одлучено е Врановци да биде дом на власта.

Тука освен што било државното, партиското и военото раководство на новата држава, биле и американската и британската мисија. Во Џамијата била Болница а во блиското село Долно Лисиче имало и интендантска и офицерска школа – вели Марин Клифов раководител на  Музејскиот комплекс Горно Врановци.

  Тие ги одржуваат објектите кои се во одлична состојба. Единствено спомен куќата на ОЗНА која се` уште е во сопственост на МВР е со разрушена   влезната врата  а на фасадата се забележуваат оштетувања.  Во музеите  можат да се видат   копии од бројни документи и фотографии од есента 1944-та.  Тука е и  печатарска машина - Бостонка, на која е отпечатен првиот број на „Нова Македонија“ и на „Млад борец“, мапите за воените операции. Но нив нема кој да ги види. Ако секоја пролет и есен  до пред десетина години тука, каде се раѓала македонската држава,  се слушал ученички жагор, сега го нема.

Со затворањето на хотелот во селото, престанаа да доаѓаат  гости и таму и во музеите. Сега и патот е лош, така што ретко кој иде во селото. Пред некој месец дојдоа три автобуси пензионери. Кога слушнаа дека треба да платат по 10 денари за влезница, се откажаа. Само 30-тина души влегоа, другите играа оро сред село, па си заминаа. На времето доаѓаа посетители и од тогашна Југославија, сега ги нема ниту македонските гости, ги нема ниту школските екскурзии, сега одат во Охрид, Крушев и Дојран, Врановци го прескокнаа   – вели Бајазитов. 

Горно Врановци од Велес е оддалечено 30-тина км. но последната делница од патот од селото Лисиче е во мошне лоша состојба, со дупки како кратери, па треба мошне внимателно да се вози. На ова се жалат и мештаните, но и се надеваат дека можеби ќе се  вратат посетителите, децата, учениците во Горно Врановци, за да се поправи слабата оценка од историјата.  

  Спомен -куќите се отворени  пред три децении, на 11 октомври 1984 година. Во книгите за впечатоци ретко може да се најде име на некој поранешен или сегашен политичар. Селаните од Горно Врановци велат дека  не помнат некој од  македонски  државници и политичари  за овие  24 години независност да дошол да ги посети овие значајни споменици на нашата историја. Цената на билетот е симболична - 20 денари за возрасни и 10 за деца,  ученици и пензионери.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »