речник контакт

Историјата на увид пред јавноста

Единствена можнсота да ги видите најстариот документ тапија од 1768 година, пасошот на семејството Киркови, документот за рушење на Мало мовче, забраната за носење на бугарски капи и обврската за носење српски шајкачи, писмото на борецот Васил Антевски Дрен до неговото семејство пред стрелањето пред очите на јавноста

Петар Печков

         Изложбата на изворни документи од Вардарскиот регион е отворена во  Ликовниот салон во Велес .  На триесет паноа се прикажани двеста документи и педесетина фотографии  за период на три века за животот  во Велес и долж течението на реката Вардар. 

Тука е најстариот документ од пред два и пол века но и  последниот значен -избраните советници за првото повеќе партиско собрание на општина Велес. Меѓу документите се и пасошот на семејството Киркови на  мајката Султана и таткото Јован, чиј син Константин Кирков загинал како учесник  во Солунските атентати. Иако стари и пожолтени, дел од нив  се со голема  историска вредност.

Многу тешко беше да се издвои материјал за оваа изложба оти поседуваме голем фонд на архивска граѓа. Ова што го нудиме сметаме дека е најинтересно и најзначајно за посетителите да видат изворно дел од македонската и велешка историја. Сметам дека успеав како автор да го доближам тоа што ќе предизвика најголем интерес и внимание. Богатството на материјалот со кој располагаме дава драгоцени податоци за историјата на македонскиот народ – вели авторот на изложбата Слободан Ников, раководител на  Подрачната единица на  Државниот Архив на Република Македонија.

Таа по Велес  ќе биде претставена и во градовите од Повардарието, чии материјали се опфатени со неа. Посетителите можат да го видат и Прогласот од 1941 со кој двајца велешани  Милан Шурков и Трајко Хаџи Панзов, отпечатен во печатницата на Крајничанец во Скопје,  го  повикуваат македонското население на одбележување на 38-та годишнина од Илинденското Востание. Тоа предизвикало  голем револт кај локалните бугарски моќници

Изложбата опфаќа документи од цело Повардарие и таа е  тематски поделена на повеќе паноа, во зависност од кој период се или кој град од регионот го опфаќаат.  Освен Велес тука се документи од Неготино, Кавадарци, Гевгелија, Демир капија.  Меѓу нив е документ стар два и пол века се чува во велешкиот Архив и тоа е најстариот пишан документ во Повардарието. Со него се потврдува купопродажбата  на имот од  локален турски  моќник  извесен Мехмет  Ахмет и  велешки газда некој  си Стојан Аџи Коста. Тапијата е од 1768 година и напишана е на  турски јазик со арапско писмо. Таа е дел од преку десетина  илјади вредни   документи кои ги има во Историскиот Архив во Велес – вели Ников.

На неколку паноа се документите на   велешките трговци и газди и пред век и повеќе  со кои тие комуницирале со Европа. Богатата преписка на велешани со Запад и пред 150 години  е спакувана во фонд на историски важни документи, кои откриваат дека во градот се водел богат и значаен еснафски живот.  Со овие документи се докажува дека тие продавале  вино, ракија, кожа, жито, афион, стока  која  завршувала во Виена, Германија, Трст, Дубровник а во некои случаи и во Палестина, според пишан документ од 1930-тата година. Оваа документација е огромно богатство.  Освен што може да се види што се продавало на Запад, се гледа и кои производи биле најбарани, за што имало најголем интерес. Тоа значи дека пред век и половина овде имал силен еснаф.

Презентираната документација освен што има едукативен карактер таа го отсликува животот на овие простори во времето на Отоманската империја, српската и бугарската власт. Нејзината вредност е што  е опфатен долг период, на широка територија и тука сублимирано е дадено како населението живеело – изјави Зоран Тодоровски. 

Во дел од понудените документи се гледа животот на децата беглаци од Егејска Македонија од 1949-та година, документот за рушење на Мало мовче, забраната за носење на бугарски капи  и обврската за носење српски шајкачи, писмото на борецот Васил Антевски Дрен до неговото семејство пред стрелањето.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »