речник контакт

Како Сплит доживува нов туристички бум

Семејни хотели во градско јадро се главни виновници за туристичкиот бум. Сплит во туризмот е хрватска Барселона, бидејќи тој е само малку помалку фотогеничен од Дубровник кој освојува на прв поглед, а Сплит е како убава жена која се открива постапно во целата своја убавина

Петар Печков

Кога пред десет и повеќе години туристичкиот експерт и еден од авторитетите во таа дејност Селмир Огњеновиќ тврдеше дека Сплит во туризмот сигурно ќе стане хрватска Барселона, бидејќи тој е само малку помалку фотогеничен од Дубровник кој освојува на прв поглед, а Сплит е како убава жена која се открива постапно во целата своја убавина, многумина не му веруваа. Бидејќи, освен културното и историско наследство, најубавото што тогаш во туристичкиот Сплит во поширокиот простор можеше да се слушне беше фактот дека стана трето пристаниште на Медитеранот по бројот на патници.

Сето останато за туризмот подобро да се премолчеше отколку да се каже: градот почива на понуда практично на еден помал градски хотел, поренешното угостителско претпријатие се распадна, хотелите Лав и Марјан меѓу последните во земјата вдомуваа бегалци, приватното сместување се преориентира на некои други дејности бидејќи немаше гости...

Патната инфраструктура на потегот од Омиш до Трогир беше меѓу најлошите во земјата, пристаништето бараше инвестиции, центарот на градот бараше ред, култура за инвестиции... Меѓутоа, најтешко беше домашното население да се увери во тоа дека има причина да се планира и размислува туристички. Во такво опкружување тоа делуваше прилично утопистички, посебно во светло на фактот дека другите веќе напредуваа многу повеќе во сето тоа.

Неверојатно малиот број на ноќевања кои се нудеа во сите облици на сместување во центарот на градот, околу 500, беше причина што првите храбри претприемачи покренаа создавање на мали интелполирани семејни хотели. Бидејќи, дури и без значајна туристичка активност, градот секогаш беше посетен од деловни луѓе, претставници од културната дејност, спортски настани, болници, универзитети.

Кога така Вестибул Палас во срцето на поранешниот царски стан прв отвори врата на своите луксузни соби со четири ѕвезди, беше тоа пионерски потфат на неговиот сопственик Нено Низиќ на кој исто така не му веруваа дека знае што прави. Но, како најлуксузен хотел во центарот примаше најугледни светски гости, од политиката до културата и бизнисот, одлично пополнет, па само четири до пет години подоцна, Сплит имаше над 10 помали хотели, а денес се 16.

Целна промоција

Становите почнаа полека да се претвораат во апартмани и соби за изнајмување, па градот од 2005 до 2010 година со само 650 постели стигна до 1631 кревети. Лани беа регистрирани 3036 постели во семејни домови. Кога гостите конечно веќе можеа да се сместат во градот, сето тоа беше проследено и со раст на бројот на авионските линии кон Сплит, кои од нискотарифните превозници беше прв град препознаен како одредиште во Хрватска кон кое се исплати да се отпатува.

И додека првиот low cost превозник во Сплит слета во 2001 година веќе во 2009 година имаше 14, а Сплит денес е град со над 80 директни авионски линии од Европа во сезоната. Гостите кои во тој период почнаа да доаѓаат во Сплит во поголем број, ги чекаа многу манифестации и настани, за разлика од порано. На Перилстил се појави Диоклецианова стража, музичките клапи го оплеменија Вестибул, национални фолклорни групи почнаа да се претставуваат на утрински матинеа во Подрум, потоа цело лето и на вечерните концерти на Рива.

Град на голема историја, култура и наследство веќе пред десетина години на хоризонтот имаше одлична туристичка иднина, во која почна да се инвестира, а се под мотото Град за големи настани. Бидејќи, јасно е дека малите приредби мора да бараат друга публика и други простори.

Покрај другите туристички работници кои се трудеа да обезбедат добра посетеност на музеите и галериите, денешниот градоначалник Иво Балдасар тогаш како туристички оперативец, војуваше со работното време на музејот и галериите кои не сакаа да работат за викенди и празници, па гостите остануваа пред вратите, а агенциите беа посрамени. Но, постапно работите се менуваа, а Сплит сепак го препознаа и го открија светските патници.

Денешните гости се воодушевени од Сплит кој за нив е нешто ново, неоткриено. Бидејќи секоја земја има природна убавина и пејзажи, но луѓето и сигурноста се тоа што прави разлика меѓу нив. А Сплит тука има голема предност, ако својата туристичка иднина ја насочи квалитетно. Но, се плашам дека во последно време ни се случува еден вид на стихија. По градот тешко се поминува меѓу терасите, графитите не се отстрануваат, а во Подрумите е се повлажно па гостите се прашуваат од каде е таа вода и дали се безбедни.

На Ривата има грди штандови и пластични шатори, се и сешто без никаков ред... Се чини дека ни недостасува јасна насока каде сакаме да одиме, како треба градот да изгледа, не носи некој бран па каде ќе стигнеме таму, помалку се губиме во тоа – вели Саша Рулиќ, претседателка на Здружението на туристичките водичи во Сплит, која потенцира дека многу нешта се добро и квалитетно направени, но туристичкиот развој треба да се контролира и насочува.

Слично мислење има и Јаворка Полиќ Куњашиќ, која приватно изнајмува апартмани и е една од првите која на пазарот понуди луксузни и добро средени апартмани внатре во историската палата.

 Мислам дека сите апартмани внатре во палатата можат да функционираат како дифузни хотели, со една рецепција и примен пункт и тоа е она на што мораме сега да работиме.

Станови за изнајмување

Илјадници луѓе во центарот на градот имаа средени станови кои ги нудат за изнајмување, но многу не знаат дека тоа е сериозна работа и бара голем ангажман. Време е приватните изнајмувачи на такви станови да се здружат и организирано да ги дочекаат гостите бидејќи потенцијалот во нашите апартмани е огромен и на тоа треба сериозно да се посветат – вели Полиќ Куњашиќ. Иако самата изнајмува три апартмани, вели дека другите не и се конкуренција, туку партнери бидејќи сите се дел од истата понуда.

А дека Сплит е на ниво на светските градови на културата кои имаат што да покажат на светот, се погрижи своевремено и Горан Качуниќ, сопственик на Ф. Турс, со голема инвестиција во купување на два современи туристички автобуси за разгледување на градот, со што Сплит меѓу првите на брегот овозможи на своите гости панорамски прошетки и разгледување на десет светски јазици. Новата ѕвезда на Јадранскиот брег не ја заобиколија ни крузерите кои уште во 2000 година почнаа да доаѓаат во Сплит, а оваа година е рекордна со 223 впловени крузери со десетици илјади еднодневни посетители.

Во разговор со луѓето од туризмот кои секојдневно се во контакт со гостите, се слуша дека гостите во Сплит искрено се изненадени од две работи: питката вода од славините и чистите и уредни плажи, практично во самото срце на градот, од Бавчице до Жњан и околу хотелот Марјан, каде на 14 километри на брегот секој може да се освежи или да се прошета. Тоа е предност, што Сплит навистина може да се пофали на Медитеранот. Затоа Сплит навистина има право на статус на туристичка ѕвезда чиј сјај мора постојано да се одржува, да се води и контролира за да не исчезне во тој блесок на успехот.

 текстот е преземен од Слободна Далмација

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »