речник контакт

Како го гаснев Чернобил

Херојот на чернобилската катастрофа Илгиз Ишаков во интервју за „Јутарњи лист“ ги опиша ужасните денови по експлозијата во украинската нуклеарна електрана во 1986 година, на чија санација работел цели пет години. Од целата екипа се живи само двајца.

Петар Печков

Додека ги гледам апокалиптичните снимки од Јапонија, неволно ми навираат спомени на дамнешните денови од Чернобил, каде работев на санација на тамошната катастрофа. Не ни сонував дека животот ќе ми го одбележи место кое набрзо стана симбол на најголемата трагедија на технолошкиот развој на човештвото, вели за „Јутарњи лист“ поренешниот студент на нуклеарна физика Илгиз Ишаков, кој тогаш имал 22 години.

 Не сакам да звучи патетично, но кога се јавив како доброволец за Чернобил, сметав дека сум подготвен на жртва за добро на општеството. Можеби тоа сега звучи несериозно, но и моите колеги и јас тогаш мислевме дека по нашите татковци кои војуваа во Втората светска војна, дојде ред и на нас, вели Илгиз, додека гледа врамена фотографија на своите три деца, кои ги доби по Чернобил.

Ако ги видите нашите напори и стресот кој го поминавме, тоа може да се спореди со тоа што војниците го доживуваат на бојно поле. Ние Чернобил не го нарековме катастрофа, туку војна!.

Тој зборува дека во Чернобил дошол бидејќи барале неженети! Од неговата смена, од 26 доброволци, т.н. „ликвидатори“, кои ја санираа несреќата на реакторот, денес се живи само двајца.

 Јасно се сеќавам на тој 26 април 1986 година, веројатно како и сите Украинци. Кога се случи несреќата, сметав дека се работи за нешто неважно. Верувавме, така не учеа, дека на нашите нуклеарки не може ништо да им се случи. Токму поради таквиот став не се презедоа на време некои мерки, што имаше ужасни последици. Тргнавме од место од каде сите вежбаа. Се возевме во блиндирани возила, ја гледавме таа страшна нуклеарка, секаде околу нас имаше самотија и тишина, и празниот страшен град Припјат, каде живееја луѓе кои беа вработени во електраната. Не смеевме да пиеме вода. Како да бевме фрлени на некоја друга планета. Атмосферата беше стравична, убиствена. Сретнував луѓе кои беа озрачени, но остануваа да работат, раскажува Илгиз.

Тој вели дека во Киев, во непосредна близина на Чернобил се чувствувало страв и напнатост.

Ми се врежа во сеќавање и срамното однесување на раководството, кои своите деца скришно ги испраќаа што подалеку од Киев. Нас студентите кои бевме на завршна година на студии, веднаш не викнаа во Чернобил. Всушност, до денес не се знае кој е виновен за катастрофата. Го осудија директорот и уште четири инжинери сите по 10 години затвор, но подоцна се утврди дека тие не се одговорни, потенцира Ишаков, кој работел на санација до 1991 година, а избран е и за претседател на Комсомолот на НЕ „Чернобил“.

Тој вели дека за него најголем шок било сознанието дека СССР не е совршен.

 Кога ги гледам вестите од Јапонија, една работа ми е јасна – ние во Чернобил сме биле само пиони. Воопшто не мислеа на луѓето, само требаше да се докаже на Западот дека советскиот човек не се плаши од радијација. Ми се урна поимот за СССР, за кој цел живот ми тврдеа дека е беспрекорен, најдобар и дека нешто вакво е невозможно... Наеднаш, свесен си дека си измамен! Рушењето на тие илузии на мене делуваше еднакво погубно, ако не и посилно од тоа што го видов во Чернобил. Освен тоа, Јапонците многу подобро се организирани. Додуша и тие велат дека не им ја кажуваат вистината. Од искуство знам дека некогаш, во такви моменти, подобро е и да не се знае се.

Тој истакнува дека Чернобил целосно го изменил неговиот живот.

Не се нервирам веќе за ситници, уживам во секој ден. Ја запознав и човечката алчност и страв, но и пожртвуваност. Меѓу нас имаше луѓе кои бараа да ги пуштат, луѓе кои одбиваа да извршат некоја задача, но сето тоа се подразбира. Не ги осудувам сите што имаа храброст да се откажат, рече Ишаков.

Последиците од катастрофата во Чернобил беа огромни. Според податоците, 50 луѓе главно персонал на електраната и пожарникари, загинаа на лице место, 4.000 луѓе умреа од зрачење, а „Гринпис“ соопшти дека 200.000 луѓе умреле од последиците од најголемата нуклеарна катастрофа во историјата.

 

текстот е превземен од  Јутарњи лист - Загреб

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »