речник контакт

Како да се реши проблемот со бездомните кучиња во Велес

ТрМр истражуваше и ги праша здруженијата кои се бават со оваа проблематика

Петар Печков

Откако во последните осум дена од месец февруари во Велес имаше регистрирано седум каснувања од куче, граѓаните се револтирани и бараат начин локалната власт да ги заштити. Реакциите се жестоки,  велешани бараат спас а бројот на кучиња скитници во градот не се намалува. 

Општина Велес како решение ја понуди вакцинацијата, стерилизацијата и заловување на бездомните кучиња, кое функционира  три години, од март 2018-та . Но бездомните кучиња по минати    28 дена на стручен третман,  повторно се враќаат на улица, од местото каде се заловени. Оваа обврска на јавен повик ја доби „Пансион Гиовски тим“.  Од таму сметаат дека ред со бездомните кучиња ќе има, ако се изврши попис на домашните кучиња.  

„Така би се занело кое семејство чува куче домашен љубимец и ако го напушти  ќе биде познато кој бил сопственик. Пописот  би се направил со соработка на  здруженијата за заштита за животни од Велес, Гиовски тим и вработени од Општина Велес со цел да се лоцира  проблемот што го имаат  граѓаните од Велес со кучињата скитници“ - велат од Пансион Гиовски тим.

Од Здружението „Гласот на животните“ проблемот го лоцираа исто така во напуштањето на домашните миленици- кучињата.  Тие  имаат изградено стационар, каде се наоѓаат околу 120 бездомни кучиња, но  не се правен субјект а се финансираат од донации.  

„Нема казнување за напуштање на миленици. Нема кампањи од страна на Општина за стерилизација на домашни миленици,  кои се корен на проблемот. Овие случаи со каснувања се злоупотребуваат се почесто. Луѓето се научија да добиваат оштета и да го празнат буџетот на градот, без да се испита дали всушност биле каснати од бездомни кучиња, а не кучиња со неодговорни сопственици, кои ги оставиле "да прошетаат".   Уште посериозен проблем е напуштањето на групи кучиња со комбиња од други градови, за што повеќе пати е пријавено од нас.    Ова не само што е тежок криминал од ветеринари кои добиле тендери за справување со бездомните животни во нивните градови,  туку е сериозно загрозување на граѓаните“ - вели Меги Ѓорѓиева Ѓаков, член на  „Гласот на животните“  .

Таа надополнува дека  тие како здружение имаат вдомено повеќе од де илјади  животни последниве седум  години и појаснува   „Ако проблемот беа кучињата на улица, досега ќе беше решен преку нашата активност.  Проблемот не се кучињата, туку напуштањата“.
 
За Димче Никушев, претседателот на Здружението „Вила Зора канис“ проблемот е што нема  стационар и прифатилиште за бездомните кучиња.

„Локалната власт да изгради прифатилиште, стационар, како што има во Битола, каде ќе бидат чувани кучињата скитници. Тоа би било инвестиција на локалната власт.  Оваа пракса, залови, кастрирај, вакцинирај, пушти го, не дава резултати, тоа е евидентно.  Потребно е залови и смести. Минатата година ние што чувавме расни кучиња, од кучињата скитници се заразија од  лишманија и умреа. А овие наши кучиња се скапи.  Но никој не ни плати оштета. Не плаќаат ниту кога уличните ги касаат расните кучиња, кои коштаат многу пари. Нив ги тренираме, ги  чуваме за изложби.  Единствен простор каде можеме легално да ги шетаме е просторот пред зградата на Општина а таму доаѓаат и бездомните , некои од нив се болни и немаме заштита за нашите расни купиња.  Потоа чувањето во стационар на кучињата  не може да биде вечно, потребно е да  се подига свеста кај луѓето за вдомување“  - вели Никушев.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »