речник контакт

Како и зошто да се одвикнете од пушењето

Одвикнување од пушење - никотински фластери, хипноза, е-цигара или силна волја?

Петар Печков

Луѓето кои престанале да пушат, во просек, живеат 5 години подолго. Некои и значително повеќе. А секој си има свој начин и своја приказна како се откажал од оваа лоша и штетна навика.

Пушењето е сериозна зависност и еден од најголемите здравствени проблеми на современиот свет.И покрај сите застрашувачки факти за штетното дејство на цигарите, нивното конзумирање доведува до извесна пријатност токму заради стимулативниот ефект врз централниот нервен систем.Меѓутоа, тоа е краткотрајно, па не дозволувајте да ве залаже.

Престанувањето со пушењето е предизвик пред кој порано или подоцна ќе се најде секој пушач, а со оглед на тоа што не постојат двајца исти луѓе, нема ни општа метода која на секој пушач би му овозможила да стане непушач.Доколку се наоѓате меѓу оние кои сакаат да му кажат стоп на пушењето, ви претставуваме неколку различни методи за одвикнување.

Составивме и упатство за основните работи кои би требало да ги знаете, за мерките и постапките кои треба да ги следите и за промените кои ќе ги почувствувате.

Ако некогаш сте се обиделе да се откажете од пушење, веројатно во моментите кога не сте имале цигара, сте биле раздразливи. Зошто одвикнувањето од пушење е толку тешко?

За повеќето луѓе пушењето е повеќе од навика. Тоа е зависност од никотин.Кога пушите, никотинот за само неколку секунди стасува до мозокот.Таму предизвикува ослободување на супстанција позната под називот допамин која предизвикува чувство на пријатност и смиреност.

Вашето тело не сака тоа чувство да престане. Меѓутоа, во периодот меѓу две цигари, нивото на допамин се намалува и предизвикува чувство на раздразливост. Дури и ако сакате да престанете да пушите, телото ќе ви бара никотин и токму тоа е она што и натаму ве наведува да пушите.

Според Мирјана Јовановска-Стојановска, психолог-терапевт, формираната зависност од пушење е толку голема и неконтролирана што престанувањето со пушење ќе предизвика емоционални, психолошки и физиолошки потешкотии.

„Пушењето предизвикува зависност од никотинот која се изразува со компулсивно барање и палење на цигара и покрај знаењето за сите нејзини штетни влијанија и последици. Пушењето, исто така, предизвикува психичка зависност. Кај луѓето кои страдаат од депресија, посттрауматски стрес, биполарно нарушување, од 2 до 4 пати е поголем процентот на пушачи отколку кај другата популација.

Кај пациентите со шизофренија, процентот на пушачи е до 90%, а кај алкохоличарите, 80%. Постојат разлики меѓу машките и женските пушачи. Жените пушат помалку цигари дневно, со помалку никотин и не вдишуваат толку длабоко како машките пушачи.Меѓутоа, машките пушачи покажуваат поголема иницијатива да престанат со пушењето.

Како и да е, да се биде зависен, не значи дека не е можно да се престане со пушењето, туку значи дека ќе биде тешко да се победи зависноста.Притоа, одвикнувањето може да предизвика вознемиреност, депресија, проблеми со концентрацијата, промени во апетитот. Докажано е дека најдобри резултати има кога оние што се откажуваат од пушење имаат поддршка од тим на лекари, психолози и социјални работници“ – советува Јовановска-Стојановска.

Кои производи помагаат при одвикнувањето од пушење?

Постојат многу растителни производи кои ќе ви помогнат да се откажете од пушењето.Тие делуваат такашто го залажуваат организмот дека добива никотин.Ако успеат, тоа создава чувство на опуштеност и релаксација.Со време количината на таа состојка се намалува.Повеќето билни производи се користат со теоријата на замена за никотин.Некои од ваквите производи се гумите за џвакање и фластерите.Но постојат и многу други методи за одвикнување.

Хипноза по методот на доктор Дарко Рауш

Меѓу нив, се попопуларна станува хипнозата.Доктор Рауш од Пореч, Хрватска се занимава со хипноза преку 30 години и развил своја сопствена метода за одвикнување од пушење која се базира на хипнотерапија и телепатска комуникација.

- Со комбинација од моите методи, после третманот, човекот се чувствува како непушач и нема ниту физичка ниту психичка потреба за цигара.Третманот е една пријатна релаксирачка состојба, луѓето се свесни за се што се случува околу нив, но не можат да реагираат. Во тој момент, големиот мозок оди на одмор, а малиот ги добива саканите податоци кои подоцна ги импулсира или ги испраќа  кон големиот мозок со помош на телепатска комуникација.

Луѓето се плашат од хипноза иако неа ја употребувале уште во дамнешни времиња Сумераните, старите Египјани и други.Повеќе од 20 години успешно се занимавам со својата сопствена метода со која закоравените пушачи после само еден третман повеќе немаат потреба за цигара.Според мојата статистика, околу 90 отсто од нив, престануваат да пушат.Сум имал многу клиенти и од Македонија, кадешто во неколку наврати сум одржувал семинари и сеанси за одвикнување од пушење – вели д-р Рауш.

Според него, предуслов за да се престане со пушењето е да се увиди бесмисленоста на самиот чин.Никотинот е материја која многу бргу создава зависност и само на ретки им успева со сопствена сила на волја да престанат да пушат.Иако хипнозата не може да ја замени вашата сопствена волја, може да ја поддржи.Патот до животот без цигари може да се олесни и да се подготви со помош на сугестиите на хипнотизерот.Шансата за успех е многу голема затоа што хипнозата почнува таму кадешто лежи проблемот на никотинската зависност, а тоа е во главата. Нема општопознати пропратни појави како раздразливост и немир.

Како да си помогнете со помош на храната полесно да го откажете пушењето и да се заштитите од евентуалните последици од него?

Според нутриционистката Цвета Динева, со помош на здравата исхрана полесно можете даизлезете на крај со зависноста од цигарите.

„Утрото започнете го со цеден сок од лимон или портокал (не со цигара), а потоа конзумирајте свежо овошје и почувствувајте како почнувате да дишете со полни бели дробови. Свежото овошје не се поднесува со цигарите па зошто не би го искористиле како вистинско оружје против пушењето.

Секако, свежите јатки (ореви, бадеми, лешници), но и сувото овошје дополнително ќе ви помогнат да ви се намали потребата од цигари. Грицкајте ги неограничено преку целиот ден. Шеќерите од свежото и од сувото овошје го смируваат неуровегетативниот систем, па ќе се чувствувате релаксирано. Не ги заборавајте ниту морковите  кои треба задолжително да се конзумираат во функција на заштитник на белите дробови.

Присуството на бетакаротенот во морковите, но и во портокалите, тиквата и спанаќот, треба да биде причина за често користење на истите за да се превенира било какво заболување на белите дробови. Правете цедени сокови и уживајте во нив преку целиот ден, па за неколку денови, кризата за пушење, ќе биде минато“ – тврди Динева.

Одвикнување со акупунктура

Што се однесува до другите методи за одвикнување од пушењето, популарна е и акупунктурата.Таа е старокинеска метода на лекување со помош на игли кои се забодуваат во точно одредени точки на кожата.

Покрај класичните акупунктурни третмани со забодување на игли, се почесто се применува електроакупунктура, односно, длабинска електростимулација и ласер акупунктура. Светската здравствена организација во 1979 година ја признала акупунктурата како метода на лекување и составила листа од болести кои успешно се третираат со таа метода, како што се: пушењето, дебелината, астмата, мигрената, алергиите, разни кожни болести и други.

Ако се уште не сте подготвени да се изборите со зависноста, на располагање ја имате Е-цигарата.

Електронската цигара, т.н. Е-цигара, иако изгледа како цигара, не содржи тутун, ниту катран.Овој производ е изработен со софистицирана микро-електронска технологија, а изгледа како обична цигара.Целта на оваа Е-цигара не е да ве наговори да престанете да пушите, туку ви нуди исто задоволство како цигарите само без толку негативни последици.

Имено, Е-цигарата не содржи катран ниту други канцерогени материи, наменета е за долготрајно користење, безопасна е и не ја загадува средината.Она што ќе ги интересира оние кои не сакаат да престанат да пушат и ги чувствуваат последиците од актуелната забрана за пушење е веста дека Е-цигарата може слободно да се пуши секаде.

Како да престанете?

За успешно да престанете со пушењето, важно е да имате некаков план пред да почнете.Како што веројатно знаете, прекинувањето со пушење може да биде многу тешко.Ако имате план и ако следите неколку важни мерки, вашите изгледи да успеете се поголеми. Неколку од постапките кои секој план за откажување од пушење треба да ги има се.

Почнете со откажувањето на некој ден кој ќе го паметите, на пример, на празник.Тоа ќе ви олесни да запамтите кога сте почнале и колку далеку сте стигнале.Верувале или не, ако не знаете точно кога сте почнале со откажувањето, ги намалувате своите изгледи за успех.

Договорете една група за подршка од пријатели, роднини, партнерот или соработниците кои ќе знаат дека се откажувате од пушење.Погрижете се повремено да ве проверуваат и да ви даваат поддршка.

Ослободете се од сите никотински производи, од запалките и пепелниците.Тоа ќе ви помогне да ја намалите желбата за никотин.Бидете сигурни дека споменатите производи ги нема во вашиот дом, автомобил, на работа и таму кадешто го поминувате времето.

Земајте производи за одвикнување од пушење за да ги намалите симптомите. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои ги земаат ги зголемуваат двојно своите шанси за успех.

Потекло на тутунот

Донесен е во Европа во 1560 година од Америка. На почетокот бил привилегија на мал број на одбрани, па дури и се користел за лекување. Подоцна е исфрлен од медицината затоа што се забележани смртни случаи при неговата употреба.

Штетното дејство на пушењето е првпат докажано пред нешто повеќе од педесетина години. Кон средината на 20 век почнуваат истражувањата заради утврдување на влијанието на пушењето врз здравјето.Во 1952 година англиските лекари Р.Дол и А.Б. Хил ја докажале поврзаноста на пушењето со карциномот на бронхиите и на белите дробови, со инфарктот на миокардот и со хроничната опструктивна белодробна болест.

Од донесувањето на тутунот во Европа, ставовите кон неговата конзумација биле различни, од тоа што се сметал за лек за бројни болести, до тоа, пушењето да се казнува. Главна состојка на тутунот е никотинот. Чадот од тутунот содржи седум канцерогени состојки а самиот никотин спаѓа во групата на силни отрови.

Но, судејќи според бројот на пушачи, очигледно дека не е доволно да се изнесат сите овие негативни факти за тутунот за луѓето да престанат да пушат.Имено, постои нешто што се нарекува психолошка зависност од тутун. Сепак, пред да ја запалите цигарата пробајте да се потсетите на сите нејзини штетни својства, да го одложите задоволството и да изброите до десет.

 текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »