речник контакт

Како се станува Европеец за околу 4.000 евра

Шверцери на луѓе во ЕУ годишно заработуваат од 3 до 5 милијарди евра.

Петар Печков



Во заедничкиот извештај на Јуропол и Фронтекс од 2011 година за состојбата на внатрешната безбедност во ЕУ, се проценува дека годишно во Европската унија влегуваат околу 900.000 илегални доселеници.

Дел од илегалните доселеници за да влезат во ЕУ користат услуги за „шверц на луѓе“. За разлика од трговијата со луѓе, кај шверцот на луѓе има согласност од илегалниот имигрант, да плати парична надомест на шверцерите и илегално да влезе во одредена земја. Според некои неофицијални анализи шверцери на луѓе во ЕУ годишно заработуваат од 3 до 5 милијарди евра.

Попусти за семејства

Дел од луѓето од оправдани причини бараат азил, но голем дел од доселениците во ЕУ имаат економски мотиви. Ни економските доселеници не се сите исти. Некои само сакаат да побегнат од беда, додека дел, според стандардите на својата земја се богати доселеници кои сакаат да живеат во подобро економско и политичко опкружување, посебно ако не гледаат перспектива за својата земја.

Грција е главна точка од каде илегални имигранти влегуваат во ЕУ. Европскиот суд за човекови права забрани враќање на апликанти за азил во Грција, а и Судот за правда на ЕУ потврди дека таквата пракса е противзаконска. Апликантите за азил таму се сместени во многу лоши услови. Патот од Турција, од каде често доаѓаат со некој ефтин лет во ЕУ, илегалните имигранти ги чини неколку илјади евра по лице. Шверцерите на луѓе наводно наплатуваат за префрлување на грчко-турската граница на реката Марица, најчесто со гумен чамец, околу 300 евра по лице.

Минатата година таму се удавија 22 имигранти, а во Средоземно море се удавија околу 1.500 имигранти. Криењето и превозот со камиони од Грција чини неколку илјади евра по лице, во зависност од дестинацијата. Пат до Австрија наводно се плаќа околу 3.000 евра, а до Франција околу 4.000 евра.

Во организацијата учествуваат мафиите од регионот, но и криминалци од богати членки на ЕУ.

Освен патот низ Италија, популарни се и „балканските рути“ во правец на Унгарија или Словенија. Преминот на грчко-македонската граница чини околу 500 евра по лице, а на водич за да пренесе илегален имигрант преку македонско-српска граница, мора да му се платат околу 200 евра. На Косово се забележани случаи на плаќања на неколку илјади евра за илегален превоз на цели семејства во Европската унија. Така едно четири члено семејство платиле на шверцери 6300 евра.

Се оценува дека во ЕУ годишно влегуваат околу 50.000 Авганистанци. Дел од нив се плашат од враќање на талибанците на власт во Авганистан. Криумчарите патот од Авганистан до богатите членки на ЕУ го наплаќаат околу 105.000 евра, а за „ВИП третман“ треба да се платат околу 15.000 евра, а понекогаш и повеќе. Таму може да се добие лажно т.н. „ноќно писмо“ од талибанците – закана за смрт, или на пример поради вистинска или измислена работа за власта или за Американците. Исто така се зголемува шансата за добивање на азил во некоја од членките на ЕУ.

Се добива и лажен пасош, пакистански или дури од членки на ЕУ, се зависи од тоа, колку клиентот е подготвен да плати. По утврдена шема на шверцерите се плаќа по качувањето во авион.

Тесно грло

Минатиот месец, финската, француската и белгиската полиција разбија мрежа на шверцери на луѓе која била проширена од Шри Ланка до Франција. Патот на криумчарењето на луѓе одел од Шри Ланка, преку Обединетите Арапски Емирати, Кенија, Танзанија, Турција и Финска, се до Франција. Учеството на Јуропол во акцијата овозможи забрзана соработка, па полицијата и правосудните органи имаа можност да разменат информации во реално време.

Со влезот на Романија и посебно на Бугарија во Шенгенскиот простор „тесното грло“ за влез во ЕУ преку Турција би се проширило. Следната земја која ќе се најде под посебна контрола е Хрватска поради својата 932 километри долга копнена граница со БиХ, 241 км со Србија и 25 км со Црна Гора.

текстот е преземен од Вјести - Подгорица

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »