речник контакт

Камион падна од мостот кај селото Отовица, возачот преживеа

Скопјанецот Ване Трајковски( 28 год) го преживеа падот во триесет метарска провалија, откако неговиот камион заврши преку мостот кај велешкото село Отовица, во близина на езерото Младост.

Петар Печков

Трајковски возел по автопатот Гевгелија –Куманово во правец на Скопје кога околу 10,30 часот, во близина на платната рампа, со неговиот камион ја урнал оградата и слетал на железничката пруга Велес- Кочани. Очевидците на настанот сметаат дека причина на несреќата е што на камионот му пукнала гума.

Слушнав силна експлозија, не знаев што е и кога видов горе на автопат камион. Тој одеше лево - десно, шантраше по патот и потоа преку мост, ја скрши оградата и падна на пругата. Дојдов да помогнам, младо момче беше внатре и  повикав брза помош, полиција, па дојдоа пожарникарите и еве со мојава моторна  пила ја сечевме кабината да го извадиме. Долго време го вадевме од внатре беше жив и зборуваше со нас. Се сомневам дека до ваква несреќа ќе дојдеше доколку автопатот и оградата беа одржувани. Видете колкави дупки по патот има и видете ја оградата каква е `рѓосана и пропадната. Камионот не беше брз, беше лесен и празен, без стока и ако се беше во ред тој ќе запреше на мостот горе. Добро е што возачот е жив – вели Трајче Гулев сведок  на несреќата.

Тој бил само во камионот, марка мерцедес сопственост на  компанијата ,,Свислајон,, со скопски регистарски таблички. Него помош му давале час и половина. Жителите на населбата Отовица после експлозијата помислиле дека е активирана некоја граната.

Два пати експлодираше, првиот пат  најверојатно од дупнатата гума што е видливо по тркалото и вториот пат од падот на камионот. Возачот беше сам во кабината но во незгодна положба да се спасува. Заглавен со левата рака во воланот, имаше  видливи повреди на главата и крвавеше, беше во шок но контактираше со нас, бараше помош – изјави Веле Алексовски кој помагаше во спасувањето на Трајковски. Тој беше однесен во велешката болница  од каде заради превенција е пренесен на Клинички во Скопје.

Повредениот има сериозни повреди на главата, на р`бетот и скочните зглобови, но е надвор од животна опасност. Не е повеќе во шок, но заради натамошни неопходни проверки го препративме на Клинички во Скопје – изјави д-р Влатко Вишинов дежурен хирург во Болницата во Велес. 

На лице место на настанот беа истражните органи, судија и обвинителство и полицијата кои ќе ги испитуваат причините за несреќата. Жителите на Отовица помнат дека на истото место, на мостот до автопатот Гевгелија – Скопје пред пет години паднал камион од Босна но тогаш возачот им подлегнал на здобиените повреди. 

На оваа делница ода автопатот во близина на платната рампа последните години се случени повеќе сообраќајни незгоди каде имаше и смртни случаи. Поради  тоа што камионот падна на железничката пруга Велес - Кочани железничкиот сообраќај беше во прекин, пругата не е оштетена, и  се најавува дека ќе биде оспособен до 17 часот кога треба да  почнат да сообраќаат патничките возови.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »