речник контакт

Капиталното дело на Дамјанов, црквата Св. Пантелејмон

201 година од раѓањето на најголемиот Балкански градител, Андреја Дамјанов

Петар Печков

Ако по делата се познаваат мајсторите, тогаш храмот Св. Пантелејмон во Велес    е заштитното на големиот Балкански градител Андреја Дамјанов. Скромен за  живот, оставил токму таков аманет, да биде безимен,  да биде погребан без никакво обележје  во дворот на црквата Св. Пантелејмон, за многумина капиталното дело на овој папрадиштанец, Мијак роден во Азот.

Еден од најубавите соборни храмови во Македонија е токму овој, во Велес, Св. Пантелејмон.  Треба да се гордееме што имаме вакво едно дело, прекрасен храм, кое го немаат поголеми и  помоќни нации од светот. Затоа треба да бидеме благодарни на Дамјанов, кој се потрудил  од овој храм да направи е место, кое е за почит. Им благодарам и на сите  тајфи кои ги нацртале вредните  икони и фрески. Им благодарам и на луѓето кои со воловски  коли ги носеле камењата за градба од селото Попадија, други со дисаги носеле песок. Какви искушенија тие имале, додека го граделе храмот. Иако во Македонија денес многу се гради, не верувам дека може нешто вакво да повториме, ова е единствено, неповторливо   – вели Владиката Агатангел Митрополит на Повардарската Епархија. 

Црквата е изградена 1840-та година. Се одликува со одлична акустика и  ретките концерти кои тука се одржуваат се   одлично примени.   Познавачите тврдат дека ова се должи на користењето на стомни при градбата на црквата како и на лушпи од јајца во малтерот.

Родот на Дамјан и неговите синови Андреја како градител,  Ѓорги како зограф, Никола како резбар, Коста кој помагал во се,  сите тие со своето творештво оставиле вредно, непроценливо богатство, културно наследство. Во овој храм  Св. Пантелејмон е вградено сето знаење на Андреја и неговите браќа.  Тие се родени во Папрадиште, но потекнуваат од   Мала Река, до Тресонче, но поради лошите услови за живот ги донел  во велешко. Оваа црква има национален и духовен карактер - рече  проф. д-р Димитар Ќорнаков, историчар на уметноста.

Тој потсетува дека таткото на Андреја, Дамјан градел цркви низ Грција, во Кавала, Серез, Воден, Солун и додава  ,,факт е  дека денес нема ништо од овие градби,,.

Јас сум сведок, сум ги посетувал овие цркви, постоеја до пред некое време, но беа срушени со сите фрески, икони и резби. Така е уништено непроценливо богатство – вели Ќорнаков. 

Храмот Св. Пантелејмон е скриен и далеку од градот. Под Вршник во карпест дел, црквата е трикорабна базилика, а во неа има и две мали цркви на првиот кат, машка и женска посветени на  Св. Мина а  на Св. Димитрија Солунски. Дамјанов цртал и икони, од неговиот опус единствено позната и сочувана е иконата на Св. Тома која се наоѓа токму во Велес, во Св. Пантелејмон, но истата е во лоша состојба. Велешани го изградиле храмот, во знак на благодарност на светецот Пантелејмон кој ги чувал од болеста чума и колера, кои владееле во почетокот на 19-ти век. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »