Петар Печков
Објавено: петок, 28 септември 2018
Започнаа активностите со кои треба да се реши проблемот за добивање на квалитетна ,здрава и безбедна вода за пиење за велешани. Деновиве е потпишан договорот за Проектната документација со рок на изработка до средината на месец декември оваа година. Потоа започнуваат градежните активности на терен согласно временските услови. Тоа е преку Центарот за развој на Вардарски плански регион а е вреден 1,88 милион денари.
Овој проект е од суштинско значење за жителите на Велес оти се се` позагадени водите на реката Тополка, кои преку ХС Лисиче доаѓаат во нашата пречистителна станица. ЈКП Древен прави вон сериски напори со користење на хемикалии да ја направи водата квалитетна и здрава и безбедна за пиење. Со изработка на проектна техничка документација за изградба на систем за фекална канализација и пречистителна станица како и регулација на коритото на реката Тополка во Горно и Долно Јаболчиште, тој огромен проблем на велешани ќе се реши - рече Аце Коцевски како претседател на Вардарскиот плански регион. Дополни дека биле обезбедени два милиони денари за чистење на речното коритото на реката Тополка во должина од 4 км, помеѓу Долно и Горно Јаболчиште каде се проценува дека имало смет од пет илјади м3. Проектот опфаќа изградба на фекална канализација и пречистителна станица за отпадни води во населените места Горно и Долно Јаболчиште.
Овој проект е исклучително важен за Велес, иако е на територија на Општина чашка, директно ќе влијае на квалитетот на водата во акумулација Лисиче а која ја пијат велешани. Како ЈП сторивме многу изминатиот период да го актуализираме проблемот и состојбата со квалитетот на водата за пиење за велешани. Жално е што толку време овој проблем соодветно на се актуализирал - рече Дејан Арсовски директор на ЈВП Лисиче.
Tweet |