речник контакт

Кога пред 150 години првиот воз во Македонија од Солун до Велес стасал со брзина од 30 км на час, денес до Скопјe возот патува со 20 км на час

На големиот јубилеј, железничкиот сообраќај во Македонија е во прекин со денови. Ако првиот воз во Македонија стаса од Солун за Велес, Македонија со години е железнички изолирана од соседите, нема меѓународни возови

Петар Печков

Чудото од парна локомотива, која чурела и стигнала на станицата кај Стар мост,  пред маса народ пред 150 години, кај повеќето велешани  тогаш предизвикала радост, кај некои и страв од големата железна машина, иако таа повеќе ползела отколку што возела. Но го растурила бизнисот на сплаварење до Солун или со карвани со  коњи, како што дотогаш се пренесувала стоката која велешките трговци ја продавале на Запад.

 

Според пишаните документи,  брзина на патничките и мешаните возови во тоа време била 35 и 30 км на час, а таа на товарните возови била утврдена на 30 и 25 км на час. Во 1886 возењето станало побрзо, така што просечната брзина веќе можела да достигне 40 км на час. Еден век и половина  подоцна, нема промени во брзината на железницата на релација Скопје Велес - се вози со 20 км/ч.   

Бројките покажуваат дека  во 1882 со железницата патувале 66.245 луѓе, а две години подоцна 72.872 патника.  Поради (не)квалитетот на услугите на „Македонски железници“ од година в година опаѓа бројот на патници, За илустрација, во 2021 имало 252 илјади патници, а во 2001 имало 1,4 милиони. За споредба во Велес во 2021 билет на железничка станица купиле  74 296 патници а пред 10 години, во 2011  дури 414 039 патници.  Поради намалената брзина наместо еден до Скопје сега се патува два часа.  

Причината што стапи на сила ограничување на железничкиот превоз  дури деновиве пред одбележувањето на јубилејот, јавно ја соопшти директорот на ЈМ МЖ Инфаструктура, Хари Локвенец. Тоа е лошата состојба на еден дел од таа пруга, но и безбедноста на патниците кои се превезуваат по неа..

„После 10 години имавме машинско мерење на квалитетот на железничката пруга  и врз база на добиените информации, инженерите не посоветуваа за намалување на брзината на 20 км/ч.   Тоа е одлука заради безбедноста и сигурноста на патниците во железничкиот сообраќај, на делницата Скопје - Велес. Имаме и железнички прагови кои се постари од половина век и не се променети. Тоа бара целосна рехабилитација на пругата, која бара квалитетни изведувачи, квалитетна техника и квалитетен кадар, но и финансии. Ние извештајот од мерната кола се уште го немаме добиено како официјален  документ и затоа одлуката е заради пресретнување на можен проблем.  Владата подготвува  програма, поголема инвестиција за рехабилитација    на пругата“ - кажа Локвенец.

Тој зборуваше и за изградба на брза пруга на коридорот 10 Табановце - Гевгелија, за што се залагаат и соседите и ЕУ.  

„Коридорот 10 е по долина на река Вардар. Проблем се кривините, кои ја определуваат брзината на железничкиот сообраќај. На оваа делница поради токму поради тоа не може да се зборува  за брза пруга. За да имаме брза пруга, потребно е коридорот да се помести 10 км источно, за да биде трасиран во Овче Поле. и таму ќе имаме брза пруга. Би требало да биде од Миладиновци до Миравци, проценета цена на оваа инвестиција 4 милијарди евра“ - додаде Локвенец.  Ова ЈП е во долг од 26 милиони евра, додека АД МЖ Транспортот е во долг до 70 милиони евра, меѓу најголемите државни загубари, кое поради неплатени сметки за струја годинава, неколку дена  остана без струја.

Освен што железничкиот сообраќај е во застој со денови, Македонија е меѓународно железнички изолирана, нема ниту еден патнички воз кој сообраќај со соседството, ниту со Србија, ниту со Грција ниту со Косово.   Откако во  Велес стигнал првиот воз во Македонија, уште во далечната 1873 година од Солун, оттогаш  велешани  со воз   патувале до големите европски градови, За ова се присетува Благој Пљаков, пензиониран железничар, кој работниот век го минал на шалтерот каде cе купувале билети.

„Имаше возови од Атина за Дортмунд, Венеција, Париз, Трст, Минхен. Тоа беа директни линии, а велешани патуваа, ја користеа оваа можност. Не можам точно да кажам колку билети се продаваа, но се купуваа и се патуваше. Посебно до Трст со групна карта, како извидници феријалци, со голем попуст за билетот. Пазареа на Понте Росо, возот таму стигнуваше во 8 часот наутро, цел ден остануваа таму и навечер назад. Тоа беше во втората половина од 1970-ите и во 1980-ите. Се купуваа билети и до Солун и до таму велешани патуваа често, на шопинг, исто како за Трст. Со воз масовно  се патуваше секој четврток и до Кочани на пазар, и се купуваше ориз, за домашни потреби“ - вели Благој Пљаков, пензиониран железничар, кој работниот век го минал на шалтерот каде cе купувале билети.

Тој се присетува дека за Трст се патувало најмногу во петок, а велешани се враќале назад во недела, додека за Солун исто така во петок а се враќале во сабота.

Иако Македонија не е поврзана со меѓународни патнички возови, минатото лето, по македонските пруги мина ексклузивниот патнички воз ВЕНЕЦИЈА- ИСТАНБУЛ-ВЕНЦИЈА, „Golden Eagle Danube Express“ луксузен хотел на тркала. Тој се состоеше од 14 патнички коли, вагони за спиење, вагони за јадење. Со него  патуваа 60 патници, повеќето Американци, кои допатувале со авион до Венеција, и со возот патуваа до Истанбул. Од таму нова група од 60 патници исто така Американци  се возеше 12 дена до Венеција. Цената  на билетот беше од  14,4 илјади евра до 30 илјади евра, за супер делукс кабини  Годинава е превидено исто така има едно патување за октомври, но не е извесно дали ќе се одржи, со постојната брзина на возот на делницата Скопје - Велес.

За 150 годишното постоење, останува запишано дека Македонија, поточно МЖ го имаат најдолгиот железнички тунел на Балканот. Тоа е Буковиќ, долг 7.062 метри под планината Буковиќ. Се наоѓа  на железничката линија Гостивар -Кичево, помеѓу селата Падалиште и Зајас, изграден при крајот на 60 години на минатиот век. Истата оваа делница се наоѓа и најдолгиот и највисокиот железнички мост, кај Падалиште, Србиновски мост. Патувањето по мостот изгледа вака

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »