речник контакт

Кромидот со висока цена, која не се помни, поскап е дури и oд бананите

Според производителите има три причини зошто цената на кромидот отиде толку високо. Прочитајте ја анегдотата која се раскажува на велешки пазар за две жени кои купувале кромид

Петар Печков

Кромидот достигна цена од 80 денари за килограм, која је ја помнат ниту највозрасните купувачи, ниту производителите.  Така во овој период килограм банани е поевтин од килограм кромид, што не се помни. Производителите причината за ваквата состојба ја лоцираат во неколку причини.

„До пред некоја година прекупците од мене го купуваа за 5 денари а на пазар го продаваа за 25/30 денари за килограм. Решив наместо три декари, да работам еден, колку за мене дома и за мои блиски. Не дозволувам со мојот труд и мака прекупците да се богатат. Пет пати поскапо го продаваа. Ако сака државата да не биде зависна од увоз, нека не заштити“ - вели земјоделец од велешкото село  Иванковци, кое со селото Мамутчево беа најголемите одгледувачи на кромид во регионот.

„Цената на кокарот, тоа е расад за кромид многу скокна.  Тој најмногу се одгледува во скопско, ама младите не го работат, останаа постарите кој не се во можност да се вложуваат многу  и нема толку расад, па цента скокна. Со тоа и цената на кромидот“ - објаснува одгледувач од велешкото село Дурутовец.   

Селото Каратманово, од Овче Поле беше голем производител на кромид, но со годините се намалуваат и површините но и бројот на семејства кои го одгледуваат.

„Се смени и климата. Се знае кога на кромидот му треба вода, кога не. Лани фатија дождови кон крајот на јуни и го преполовија родот“ - кажа земјоделец од Каратманово.  

Неодамна беше објавено дека заради надминување на ваквата состојба во земјава, ќе се увезе кромид од Албанија. Но досега не се почувствува увозот од западниот сосед, по цената на пазарите, таа и натаму  е непроменета.

На велешкиот пазар се раскажува анегдотата на две жени кои купувале кромид.

„Леле ценава отиде толку високо, што поевтино е да купам банани отколку кромид“ - рекла едната на што пријателката и одговорила:  „Е па  оди направи запршка  за манџа со банана!“ - се раскажува по пазарот.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »