речник контакт

Лани 13.412 државјани на Македонија биле на сезонска работа во Хрвaтска

Најбараната професија била за градежен работник во високоградба, највисоката просечна плата меѓу најчестите занимања на странски работници во Хрватска била за готвач

Петар Печков

Минатата година хрватското Министерство за внатрешни работи издало 172.499 дозволи за престој и работа, од кои 112.981 се издадени за нови вработувања, што значи дека Хрватска во 2023 година примила толку нови странски работници на постојан работен однос. Од вкупниот број, 40.660 биле за продолжување на дозволите, а имало 18.858 сезонски работници.

Податоците од полицијата покажуваат дека најголем број странски работници, 68.912 се вработени во градежниот сектор. Потоа следат туризмот и угостителството, каде лани биле вработени 45.868 странци, индустрискиот сектор примил 24.034, транспортот и врски 11.497, а трговскиот сектор 5.126 странски работници.

Што се однесува до потеклото на странските работници во Хрватска, во 2023 година најмногу се од БиХ, 38.236 од нив, а потоа следи Србија, од каде се вработиле 24.028 лица. Министерството за внатрешни работи ги објави само првите 10 земји од кои дошле најмногу луѓе, па на трето место е Непал, од кој дошле 23.493 работници, 15.627 се од Индија, 13.412 од Македонија, 10.999 од Филипините, 9.922 од Косово, 8.749 од Бангладеш, 5.067 од Турција и 4.244 од Албанија.

Најмногу нови странски работници пристигнале во градот Загреб.

3аконскиот минимум на платата во Хрватска, изнесува 700 евра бруто, т.е. околу 560 евра нето.

Најбараната професија била градежен работник во високоградба, со просечна плата од околу 603 евра нето. Таа работа ја работеле повеќе од 16.000 странски работници.

Второто најбарано занимање е поврзано со туризмот, а тоа е келнер. Просечната нето плата била околу 669 евра нето (пресметано за Загреб). 

Помошник готвач е третото најбарано занимање, со просечна плата од 616 евра нето и 8.419 работници. Следното најзастапено занимање е ѕидарството, каде просечната плата е 648 евра нето, а вработени била 8.390 работници.

Во нискоградба, вработени биле 7.648 странски работници, за просечна плата од 608 евра нето.

Готвач е шестата најбарана професија во која лани работеле 7.266 луѓе за просечна плата од 697 евра нето. Тоа е и највисоката просечна плата меѓу 18-те најчести занимања на странски работници во Хрватска.

Бравар, на пример, има нето просечна плата од 625 евра, а возач на камион - 634 евра.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »