Петар Печков
Објавено: вторник, 26 ноември 2024
Општина Велес најави дека планира да се постават 15 скулптури кои, иако се изработени од 2021, не се поставени на јавните површини во градот. Сумата од 400.000 денари од ставката за организација на скулпторската колонија годинава се пренесува за постаменти за поставување скулптури. Сиве овие години, проблем било што на јавните повици за поставување, ниту една градежна фирма не се јавувала, немало интерес.
„Годинава нема да ја организираме скулпторската колонија, бидејќи треба да се постават сите скулптури, од изминатите неколку години. Средствата ги пренаменуваме за таа намена. Така ќе се оплеменат повеќе јавни површини во градот. Имаме неколку јавни набавки за поставување спомен-обележја. Имаме 15 скулптури останати за поставување, плус ланските кои треба да се достават. Разговаравме со организаторот на скулпторската колонија и со него сме на исто мислење, дека таа треба да биде биенална, на две години. Така би се добиле поимпозантни скулптури“, кажа Верица Тодоровска, раководителка на сектор во Општина Велес.
Општина Велес со организацијата на скулпторски работилници и изработка на дела, во камен, мермер, железо и глина, го збогатува фондот на скулптори кои се поставуваат низ јавните површини во градот.
Поминаа четири години, сѐ уште не се поставени две од шесте дела од скулпторската работилница одржана летото 2020 во Велес. Едната е скулптурата „Емаптија“ на авторот Иван Ковачалиев од Бугарија, а втората е „Изолација“ на велешанецот Ангел Коруновски посветена на жртвите од ковид пандемијата. И двете се изработени од метал. Останатите четири од таа година се поставени. Не се поставени ниту шесте скулптури од уметничката работилницата во 2021 кога се работеше со рециклирано железо. Исто толку беа изработени на работилницата 2022, и двете одржани во Куќата на Касапови, како уметничко ателје. Ланските скулптури од шестте автори уште не биле доставени до Општина Велес.
За да се означи просторот каде ќе бидат поставени, треба да се состане Одборот за поставување споменици и спомен-обележја. Градоначалникот Марко Колев кажа дека овие 400.000 денари не се доволни и догодина во Буџетот ќе одвојат повеќе, за да може сите скулптури да бидат пред велешани, за таа цел за што се и создавани.
Скулпторската колонија во Велес за првпат се организираше во 2019.
Tweet |