речник контакт

ММЕ кој прв почна во велешкиот театар, премиерно

Претстава за љубовта и напуштањето, верзија на ,,Божествената Комедија,, од Данте. Но и претстава со големо количество бес, тага, болка, кои се излеваат.

Петар Печков

Четврток вечер  со почеток во 20 часот, во велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот премиерно ќе биде изведена претставена ,,ММЕ кој прв почна,, од Дејан Дуковски во режија на Александар Ивановски. Текстот  е најавен како столб на македонската постмодерна, и еден од најзначајните  во современата македонска драма а актерската екипа  за претстава  рече дека е за љубовта и напуштањето, верзија на ,,Божествената Комедија,, од Данте.

Претставата ја работевме во време на тотален невкус и деградација на се што е вредно во животна и уметничка смисла и затоа поставуваме прашања кон луѓето на кои се обраќаме.  Седумте  круга - епизоди, кои траат по 12 минути, ги претставуваат седумте највисоки морални категории: чувство, радост, верба, љубов, надеж, грев и чест. На крајот останува само хаосот и сред него човекот, духовно мртов. Во неа внесовме парчиња текстови  пишувани од самите актери,  или од Шекспир и од Чехов   – изјави  режисерот Александар Ивановски.

Во претставата  настапуваат Васил Зафирчев, Зоран Љутков, Кица Ивковска, Роберт Ристов, Маја Љутков, Самоил Стојановски, Кети Борисовска, Славица Манаскова, Александар Ѓоргиев и Кирил Гравчев, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Тања Медарова, авторската музика на Сашко Костов и  шминката на Даница Лепојевиќ. Ова е втора годинешна премиера во велешкиот театар. Поради суровоста  и радикалноста на сцените претставата е наменета за лица над 16 годишна возраст.

И јас кога ги гледам останатите сцени, ми се случува да станам и излезам, но тоа е вистинскиот правец за овој текст. Во  претставата има големо количество бес, тага, болка, кои се излеваат. Не сум сигурен дека сите гледачи ќе го издржат ова, но тоа е вистината – изјави  актерот Зоран Љутков.

,,ММЕ кој  прв почна,, започнала да се подготвува на 15-ти март, но поради комплицираноста од продукциски и технички аспект, премиерата е три месеци подоцна.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »