речник контакт

МОСТ бара набљудувачи за изборите

Годинава новина е што ангажираните ќе го покриваат целиот ден на изборниот процес, од 6 наутро до пребројувањето на гласовите

Петар Печков

Граѓанската асоцијација МОСТ денеска објави повик за ангажирање набљудувачи за двата круга на претстојните предвремени парламентарни и за претседателските избори. Канцеларијата на МОСТ за Велес ги покрива општините Велес, Лозово, Свети Николе, Чашка и Градско.

- МОСТ ги повикува граѓаните, лично, најдоцна до 29 март, да се пријават во 17-те регионални канцеларии, низ целата држава. Регионалните канцеларии на МОСТ за граѓаните ќе бидат отворени од 10 до 18 часот. Податоците со контакт информации за регионалните канцеларии ќе можат да се пронајдат на интернет страницата на МОСТ, се вели во соопштение од Граѓанската асоцијација МОСТ.

Набљудувач во мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ може да биде секој граѓанин со право на глас, кој е подготвен непартиски, непристрасно и објективно да го набљудува процесот и да известува за наодите. При селектирањето на набљудувачите предност ќе имаат оние кои во веќе биле ангажирани како набљудувачи на МОСТ на претходните изборни процеси.

За пријавените граѓани МОСТ ќе организира специјална обука, а тие потоа ќе бидат распоредени на гласачките места како набљудувачи.

- Заради сеопфатна оценка за текот на изборите, набљудувачи на МОСТ ќе ги следат и текот на предизборната кампања, работата на изборните органи, предвременото гласање, како и процесот на доставување и одлучување по приговори и тужби, посочуваат од МОСТ.

Од граѓанската асоцијација најавуваат дека поради комплексноста на двата изборни циклуси кои течат напоредно, а заради задржување на истиот квалитет на добиени податоци како на претходните изборни циклуси, оваа година нема да има набљудувачи во две смени, туку сите ангажирани ќе го набљудуваат гласањето на гласачкото место, од отварањето до објавувањето на резултатите.

Како и изминатите години така и оваа, Граѓанската асоцијација МОСТ проектот го спроведува согласно меѓународно признатите стандарди за домашно набљудување на изборите.

Проектот „Домашно набљудување на претседателските и предвремените парламентарни избори 2014“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ, и е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »