речник контакт

Македонија гласаше по седми пат на парламентарни избори

Ова беа седмите парламентарни, а вкупно 16-то изборно изјаснување во Република Македонија. ТРМР ве потсетува како изгледаа составите на сите претходни парламенти.

Петар Печков

Првите избори за пратеници во Собранието беа одржани во 1990 година, вторите во 1994, третите во 1998, четвртите во 2002, петтите во 2006, a шестите во 2008 година. Покрај парламентраните, беа спроведени и четири претседателски избори – во 1994, 1999, 2004 и во 2009 година, како и пет локални – во 1990, 1996, 2000, 2005 и 2009 година.

Граѓаните на Република Македонија двапати излегуваа и на референдум, во 1991 година кога се одлучија за самостојна и независна држава и во 2004 година кога се изјаснуваа за новопредложената територијална поделба.

Првите повеќепартиски парламентарни избори во Македонија беа одржани во ноември 1990 година.

Изборите беа спроведени според мнозинскиот изборен модел. Учествуваа 18 политички партии и 43 независни кандидати. Првиот круг се одржа на 11 ноември, а вториот на 25 ноември. Гласачкиот одѕив во првиот круг беше 84,8%, а во вториот 76,8%.

Најмногу пратенички места во собранискиот состав од 1990 до 1994 година имаа ВМРО-ДПМНЕ - 38, СКМ-ПДП (денешен СДСМ) - 31 и Партијата за демократски просперитет - 17.

Во Парламентот партиципираа и пратеници од Сојузот на реформски сили на Македонија, од СПМ, од Партијата на Југословените во Македонија, Младата демократско-прогресивна партија, од НДП, од ВМРО-Демократска партија, од Партијата за целосна еманципација на Ромите и тројца независни пратеници. Претседател на Собранието во тој период беше Стојан Андов. Собранието со мнозинство гласови го избра Киро Глигоров за претседател на државата. На 20 март 1991 година беше избрана првата експертска влада на независна Република Македонија што ја предводеше Никола Кљусев. Во септември 1992 година по изгласаната недоверба во Собранието, владата на Кљусев поднесе оставка, а нов владин кабинет формира Бранко Црвенковски од СДСМ.

Вторите парламентарни избори се одржаа во октомври 1994 година. Беа спроведени според мнозински изборен модел на 16 и 30 октомври, истовремено со првите непосредни претседателски избори.

На изборите учествуваа 38 политички партии и 283 независни кандидати. Одѕивот во првиот круг беше 77,3 отсто, а во вториот 57,8 отсто.

ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија што тогаш ја предводеше Петар Гошев го бојкотираа вториот круг на изборите со образложение дека имало сериозни нарушувања во изборниот процес.

На 19 ноември 1994 година беше инаугуриран новиот состав на Собранието. Најмногу пратенички места во парламентарниот состав 1994-1998 имаше СДСМ - 62 , ЛДП - 27, Партија за демократски просперитет 11, Партија за демократски просперитет на Албанците - 4 , Народна демократска партија - 2, Демократска партија на Турците во Македонија Партија за демократска акција - Исламски пат  - 1, Демократски сојуз на Албанците -1, Демократска партија на Македонија - 1, Социјалдемократска партија на Македонија - 1, Партија за целосна еманципација на Ромите - 1, Социјалистичка партија на Македонија – 6, а 4 пратеници беа независни. За претседател на Собранието повторно беше избран Стојан Андов, кој остана на таа функција до март 1996. Откако Андов си даде оставка, на таа позиција дојде Тито Петковски.

При ваква констелација на силите, политичките партии што беа на власт до изборите во 1994, повторно формираа коалициска влада на чело со Бранко Црвенковски од СДСМ.

Третите парламентарни избори беа одржани во октомври и ноември 1998 година. Се гласаше во два круга според комбиниран мнозински и пропорционален принцип - 85 пратеници беа избрани по мнозински, а 35 според пропорционален модел. На гласање излегоа 72,9 отсто од запишаните избирачи.

Победи коалицијата „За промени" што ја сочинуваа ВМРО-ДПМНЕ и Демократска алтернатива. Во Собранието најмногу пратеници имаше ВМРО - ДПМНЕ - 49, СДСМ - 27, ПДП - 14, ДА - 13, ДПА-НДП - 11, ЛДП-ДПМ - 4, СПМ - 1 и Сојузот на Ромите на Македонија - 1.

Владата ја формираа ВМРО-ДПМНЕ, ДА и ДПА, а ја предводеше Љубчо Георгиевски. За претседател на Собранието беше избран Саво Климовски. Во ноември 2000, откако ДА си замина од владата, за претседател на Парламентот по трет пат беше избран Стојан Андов. Во мај 2001 година, кога почна воениот конфликт, беше формирана влада на широка коалиција во која влезе СДСМ, а ја напушти во ноември 2001 година.

Четвртите парламентарни избори се одржаа на 15 септември 2002 година според пропорционален изборен модел во шест изборни единици. Одѕивот на гласачите беше 73,4 отсто.

Учествуваа 33 партии и коалиции, како и пет независни листи кандидати. Победи коалицијата „За Македонија заедно", која имаше најмногу пратенички места во Собранието - 60. Коалицијата ВМРО- ДПМНЕ - ЛП имаше 33, ДУИ - 16 , ДПА - 7, ПДП - 2, НДП - 1 и СПМ - 1 пратеник.

Претседател на Собранието беше Никола Поповски до ноември 2003, кога по неговото заминување на министерска функција беше заменет од Љупчо Јордановски. Коалицијата „За Македонија заедно" формира влада предводена од Бранко Црвенковски. Во јули 2003 беше извршена реконструкција на владата. По изборот на Црвенковски за претседател на државата, премиер стана Хари Костов, кој остана на чело на владата до ноември 2004 година, кога поднесе оставка. Беше формиран нов владин состав, предводен од Владо Бучковски.

Петтите парламентарните избори се одржаа на 5 јули 2006 година, според пропорционалниот изборен модел, во шест изборни единици, исто како и парламентарните избори во 2002 година. Гласачкиот одѕив беше 56,5 отсто.

За учество на изборите се пријавија 33 кандидатски листи - на партиски коалиции, на самостојни политички партии и на граѓани.

Победи опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која подоцна и формира влада. Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, освои 44 пратенички мандати, коалицијата „За Македонија заедно“, предводена од СДСМ - 32, коалицијата ДУИ-ПДП - 18, ДПА - 11, Нова социјалдемократска партија - 7, ВМРО Народна партија - 6, Демократска обнова на Македонија - 1 и Партијата за европска иднина 1 мандат.

По изборите, мандатот за формирање нов владин кабинет му беше даден на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој на 28 август беше избран за претседател на владата. Во нејзиниот состав влегоа претставници на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и НСДП. Владата ја поддржаа и ДОМ и ПЕИ. ВМРО-НП гласаше за владата, но не учествува во владината коалиција.

Пратеничкиот состав во Собранието избран во 2006 година функционираше до 12 април 2008 кога парламентраците донесоа одлука да се самораспуштат и да бидат распишани превремени парламентрани избори на 1 јуни.

Шестите избори за пратеници во законодавниот дом се одржаа на 1 јуни 2008 и беа први предвремени од осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година. Изборите  беа спроведени според пропорционалниот модел во шест изборни едниници. Право на глас имаа 1.779.116 избирачи кои на 2976 гласачки места се изјаснуваа за 18 листи со 1.540 кандидати за 120 пратенички места во македонското Собрание.

Предвремените парламентарни избори во Република Македонија се одржаa на 1 јуни 2008 година, по изгласувањето и распуштањето на Собранието на Република Македонија на 12 април 2008 година. Тоа беа први предвремени парламентарни избори од осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година.

Идејата за предвремените парламентарни избори во Република Македонија дојде веднаш по самитот на НАТО кој се одржал во Букурешт 2008 година. Иницијативата за вонредни избори беше поддржана од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ заедно со нејзиниот коалициски партнер Демократската партија на Албанците, а од друга страна опозициските СДСМ и ЛДП гласаа против. Распишувањето на изборите беше овозможено по распуштањето на Собранието на Република Македонија на 12 април 2008 година.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори во 2008 освои 63 пратенички места, коалицијата „Сонце“ предводена од СДСМ 27, ДУИ-18, ДПА-11 и ПЕИ -1.

Изборите ги следеа 464 странски и 5.811 домашни набљудувачи, а за нив покрај македонските известуваа и шеесетина акредитирани странски новинари.

По изборите, мандатот за формирање Влада повторно го доби претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »