речник контакт

Македонија нема море, но има морепловци

Македонија нема море но затоа има едно чудо морепловци, кои пред неколку години дошле на иста идеја - заедничко едрење на море со спортско рекреативна приказна, која сама по себе е бескрајна.

Петар Печков

Како и сите други добри идеји, и оваа се случила на ист начин, сосема случајно кога неколку вљубеници на едрењето се нашле на исто место и решиле заедно со повеќе пловни објекти да испловат, да се натпреваруваат и да се дружат во околина сосема несвосјтвена за македонската географија - на Јадранското Море. И така првата година испловиле само неколку брода. Следната учествувале шест брода, а овој октомври ќе се памети по 15-тете брода, составени само од македонски екипажи, со вкупно 110 учесници.

Едриличарскиот клуб ПАМПУР постои од 2007 година и секоја нова ПАМПУР регата (ги има по две годишно), по организација се се подобри и помасовни. Ентузијазмот и желбата за совладување на оваа древна вештина доведе до експанзија на овој спорт кај нас, паралелно со развојот на спортско-рекреативното едрење во Хрватска, најблиската погодна дестинација за нашите едриличари.

Со повеќе од 1.000 острови и безброј соодветни марини и сидришта во исто толку безброј преубави заливи и скриени местенца, Хрватска предничи во светот како една од најубавите, најдостапни и најпогодни дестинации за едрење и пловење во целост. Убавината и грижата на морските националните паркови во Хрватска, како архипелагот Корнати, Бриони, Мљет и Крка, секако носат екстра поени во донесувањето на одлуката за едрење во таа земја.

Осмата ПАМПУР регата која се одржа минатата недела се пловеше по должината на Дуги Оток, околу островите Паг, Рава, Молат, Жут и Иж, како и архипелагот Корнати кој сам по себе се состои од 130 острови на 64 квадратни километри. Екипажите имаа доволно време за тренинг, кој беше добродојден за острите услови со ветер од над 50 километри на час, кои дадоа одлична трка и вистинско едрење. По двата натпреварувачки дена победата ја однесе екипажот на iBoat (АјБоут), со скиперот Александар Пајковски, председател на ЕК ПАМПУР.

Презадоволен сум од постигнатиот резултат на оваа регата. Годините поминати на море и учеството на разни регати кулминираа со овој успех и нема да застане тука. Иако се вративме пред само неколку дена, веќе размислуваме за следната ПАМПУР регата која традиционално се одржува во mај за која што сме сигурни дека ќе ја надмине овогодишната бројност. Масовната посетеност на оваа регата ни овозможи прекрасна дружба и предизвикувачка трка каде се покажа вистинската вештина на многу екипи чиј резултат на целта се разликуваше во минути ако не и во секунди разлика. Сите ние покажавме дека вистински се грижиме оваа несекојдневна манифестација да се одвива во вистински џентлменски дух со спортски амбиции, изјави Пајковски за МИА.

Второто место го освоија екипажот на Пирати, со скиперот Среќко Шурков, кој како и секогаш беше прескромен и  заслугата му ја препиша на својот екипаж со кој го осви првото место на предходната мајска регата. Третото место го освои екипажот на Смарт Медиа.

Од оваа регата, традиционално почна да се доделува „Пехарот на Славе“, во чест на прерано починатиот Славе Герасимовски, член на ЕК ПАМПУР, успешен скипер и двократен победник на оваа регата во минатото. „Пехарот на Славе“ се доделува на првопласираниот екипаж од вториот регатен ден, а во конкуренција не влегуваат екипи со професионални скипери ‘немакедонци‘. Оваа регата „Пехарот на Славе“ го освои тимот на Вертиго Вејв 1, членови на параглајдерскиот клуб Вертиго од Скопје, кои од самиот почеток на ПАМПУР масовно учествуваат на регатите и оваа година го претставуват својот клуб со два брода.

- Горди сме на освоениот пехар и силно се боревме да го освоиме. Предизвикот беше голем а и условите дадоа фантастична трка во која буквално секунди и минути одлучуваа за пласманот. Тоа само ни даде доказ дека многу македонски скипери сериозно го совладале едрењето на море кое е комплексно и бара многу работа и посветување. Презадоволен сум од целата регата каде што се потрудивме секој аспект да биде успешен.

Од организацијата на бродовите до заедничните вечери и дружби кои верувајте не се нималку едноставни да се организираат за толку многу луѓе и тоа во друга држава. За прв пат сите бродови беа од ист тип и големина, Баварија 46 (46 фита или 14 метри должина). Успешноста на оваа регата ни дава поттик и желба секоја друга ПАМПУР регата да биде што помасовна и уште подобро организирана, изјави скиперот на Вертиго Вејв 1, Влатко Милев, воедно и директор на регатата.

Следната ПАМПУР регата е закажана за 19 - 26 мај 2012

 Текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »