речник контакт

Маслодајна одбележа еден век постоење

Фабриката има палета од 80 производи за секој купувач, за секој пазар.Нејзините производи можат да се најдат на трпезите во Македонија, САД, Канада, Србија, повеќе Европски држави, Црна Гора, БиХ, Косово, Албанија

Петар Печков

Велешка Маслодајна одбележа редок јубилеј, 100 години постоење. Прехранбената индустрија Кристал 1923 е единствениот производител на масло за јадење во земјава, која го добива со преработка од сончоглед и единствена во земјава која ја  откупува оваа индустриска култура.

Пред бројни соработници актуелни и поранешни вработени ,  деловни партнери, од земјава но и од Србија, БиХ, Косово, се обрати извршниот  директор на ПИ„Кристал 1923“ Горанчо Лазов.

„Во овие сто години работа имаше растежи, тешкотии и падови на фабриката за нејзиното постоење. Но таа постојано растеше, освојуваше нови пазари, нови купувачи, имаме палета од 80 производи за секој купувач, за секој пазар. Чест ми е што можам на 100 годишнината да ве поздравам. Во периодот на транзицијата, кога многу фирми пропаднаа, ние успеавме да опстоиме и опстанеме, на задоволство на вработените и на купувачите. Имаме млад тим полн со знаење, наследено искуство од постарите колеги. Затоа квалитетот опстојува,тој е на највисоко ниво. Затоа сведочат наградите на меѓународните саеми“ - кажа Лазов.

Тој ја најави новата инвестиција,за која одобрение за градба чекале пет години.   Ќе се гради нова рафинерија, вредна  4,5 милиони евра,  средства од сопствени извори на фабриката. Со неа ќе има заштеда на енергија, автоматизација на производниот процес, така маслото за јадење ќе има уште подобар квалитет. Лазов изрази благодарност кон  сите потрошувачи на нивниот бренд, кои изминатите 100 години биле со Маслодајна  и ги поддржувале.

Нејзините производи можат да се најдат на трпезите во Македонија, САД, Канада, Србија, повеќе Европски држави,  Црна Гора, БиХ,  Косово, Албанија.

Фабриката низ годините континуирано се проширува и технолошки се усовршува, а денес располага со единствен капацитет во Македонија за складирање, чување и преработка на маслодајни семиња. Во 1999 година се трансформира во прехранбена индустрија, поради широкиот асортиман на прехранбени производи во сопствено производство.

Велешка Маслодајна започнала да работи  во далечната 1923 година како работилница за шарлаган, втора на Балканот по таа во Загреб а нејзини сопственици биле семејството Органџиеви.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »