речник контакт

Метрудхем сака да ја отвора топилницата со стара технологија и опрема

За овие неколку месеци ништо не се промени кај велешани, тие и натаму не ја сакаат топилница во соседството, порачуваат од Зеленмамта коалиција

Петар Печков

Писмото за намери  по кое Министерството за животна средина му  дава ,,домашните задачи,, на инвеститорот Метрудхем, околу нивните подготовки за рестарт на топилницата, повторно ги разбранува велешани. И додека надлежните од министерството за екологија објаснуваат дека тие се должни да одговорат заради запазување на процедурата, членовите на ,,Зелената коалиција,, потсетуваат дека велешани не го сакаат комбинатот на постојната локација.

Нашите информации велат дека Метрудхем во овој ,,катил ферман,, решил топилницата да ја отвора на старото место, со старата технологија и старата опрема. Ова е врв на цинизам, исмејување на граѓаните на Велес  и затоа ќе им вратиме со иста мерка, не ве сакаме, не доаѓајте. Не знам кој тоа ќе стави потпис еден ден  на дозволата  - вели Ненад Коциќ од ,,Зелената коалиција.

Тој потсети дека 20 илјади луѓе на ,,еколошкото народно востание,, од 9-ти ноември лани рекоа  ,,не за топилницата,, и дека ,,тие решаваат за нивната иднина,, .Од министерството за животна средина објаснуваат дека станува збор за спроведување на редовна и законска процедура, која мора да се почитува, да им дадат ,,домашна задача,, што се треба да сторат за да можат да ја добијат ,,А,, интегрираната дозвола за рестарт на комбинатот.

Законот не предвидува  одбивање на проект, баз да се спроведе процедурата. Метрудхем во писмото објасни дека технологијата со која ќе работат нема алтернатива, не постои друга во светот. Што се однесува до реакциите за користењето на опремата нема да објаснувам бидејќи тоа и на сите им е познато каква е таа. Студијата за оцена на влијанието  врз животната средина ја разгледува комисија а не еден човек, така што нема поединец да решава дали топилница ќе се рестартира. Преку разни форми велешани, невладините организации, граѓанскиот сектор, ќе можат да го кажат нивното мислење во натамошните форми на разгледување на  студијата за оцена на влијанието врз животната средина  –вели Филип Иванов директор на Управата за животна средина.

Тој потсетува дека целокупната документација ќе биде достапна преку веб страницата на министерството но и преку локалната власт. И тој и еколошките стручњаци потсетуваат дека постојната инсталација не е затворена прописно. Поради ова, од наталожените честички прашина, при секој ветер, дожд, оловото и кадмиумот повторно го загадуваат градот.

Од Метрудхем најавија дека во топилницата ќе вложат 150 милиони долари, од кои 100 милиони  за еколошки филтри  кој треба да го спречи  загадувањето. Технологијата што  ќе ја користат се употребува во Европската Унија и е во целост безбедна. Компанијата планира да вработи 1.200 луѓе. Производството ќе биде извозно ориентирано и со  обрт од над 300 милиони евра годишно.

Во меѓувреме Зелената коалиција заедно со општина Велес поднесоа жалба до Апелација на пресудата на велешкиот суд, по тужбата за три децениското загадување на градот. За ова тие ќе платат 96 илјади денари. Тужбата на велешани беше одбиена бидејќи не можело да се одлучи кога топилницата загадувала, во времето на СФРЈ или во самостојна Македонија.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »