речник контакт

Мечките го изедоа медот во велешко Лисиче

Се повеќе пчелари се жалат дека мечките го јадат медот во село Лисиче

Петар Печков

 Пчеларите од велешкото село Лисиче  мака мачат да го сочуваат медот. Годинава за разлика од  лани го има и е квалитетен, ама мечките навалиле да го јадат. На повеќе места од селото има регистрирано напади на овие шумски животни, кои се хранат со плодот од пчелите. Жителите стравуваат  дека ќе останат и без мед, но и по животите на луѓето. Нападите  од пред еден месец продолжуваат, мечките не може никој да ги сопре.

Имаме повеќе кошници пчели а изминатиот месец неколку пати беа нападнати од мечка. Според стапалото може да  се каже дека е капиталец.  Освен што ни прават штета и уништија десетина сандаци, го изедоа медот, стравуваме да не направи мечката белја и нападне некого во селото. Сега има тука деца, кои се на гости, тие се по околината. Надлежните треба да преземат нешто – вели Љупчо Христов пчелар од Велес, кој таму во Лисиче ги чува  сандаците со пчели. 

Мечката ги нападнала сандаците со пчели на различни делови од селото. Христов е во едниот додека има регистрирано напади е на  другиот крај. Некаде околу десетина пчелари од ова село се пожалиле дека имаат сериозни штети.

Јас сум ловџија половина век, ама вакво нешто не памтам. Да се симне и во село, каде има луѓе да го јаде медот. Тоа се случува ноќе, но сепак не е се исто мечка да доаѓа во населено место. Има луѓе, деца. Бараме надлежните да преземат конкретна акција, оти ние трпиме  штети. Имаме пријавено  број  на сандаци за субвенции, а сегашниот  не одговара со пријавниот. Можеме да имаме проблеми – вели друг пчелар од Лисиче.

Оштетените го пријавиле случајот до ПЕ на Министерството за шумарство, каде се надлежни за мечките, кои се заштитени со закон, тие не смеат да се убиваат.  Настанот е евидентиран и во Ловното друштво Руен.

Има десетина пчелари не само  од Лисиче, туку и од блиското село Дреново кои имаат штети, оти мечки им го јадат медот. Имаме бројни јавувања за случаи кога мечки ги оштетуваат сандаците со пчели.  Според анализите на нашите екипи, станува збор за најмалку три мечки, од кои едната е со младо мече старо една година. Двете се крупни, големи примероци. Тоа го покажуваат трагите од стапалата – велат од ЛД Руен од Велес.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »