речник контакт

Миле ковачот

Секое утро во 7 часот, ковачот Миле Павлов ја отвара неговата работилница на стариот велешки пазар, но наместо некогашните кепенци денес треба да ја отвори тешката метална врата.

Петар Печков

Секое утро во 7 часот, ковачот Миле Павлов ја отвара неговата работилница на стариот велешки пазар, но наместо некогашните кепенци денес треба да ја отвори тешката метална врата. Неговите соседи велат дека тој е толку точен во отварањето на дуќанот, што неговите комшии можеле и часовникот да го дотокмат за времето. Така е шеесет и пет години, колку што Миле го работи овој занает и не мисли скоро време да се откаже, се додека го служи здравјето.

- Од дванаесет години, откако го завршив училиштето започнав да го учам занаетот. Него го наследив од татко ми, значи ова ќе дојде како фамилијарна традиција, која нема кој да ја продолжи. Ова време не е за занаети - вели Миле Павлов.

Тој иако има повеќе од 80 години неуморно удара со чеканот по металот и кова. Денот му започнува со палењето на огништето каде се клепа железото. Работи секој ден освен недела, кој ден и Господ го дал за одмор. Се жали дека нема работа како порано и сега работи ситни поправки. Во овој период од годината најмногу изработувал ножици, кој служеле за стрижење на овците. Знаел да изработи и до 300 парчиња, сега ниту едно. Неконтролираниот увоз од Турција на евтина а неквалитетна стока му ги зела муштериите, се жали Миле ковачот, како што е познат во пазариштето. Сите земјоделски задруги од Западна Македонија, од Тетово, Гостивар, Дебар кај мене пазареа. Работев плугови и рала сега ситни поправки. Пензијата е мала мора нешто да се доработува да се преживее-додава Миле. Со тага се сеќава дека некогаш на пазарот имало само занаетчии, денес само трговци кој работат по системот купи-продај. Разбирливо е што тогаш нема интерес кој да го продолжи занаетот. Пред неколку години дошол последниот ученик, албанче од велешките села кое поработило малку и заминало за Италија. Оттогаш ниту некој прашал ниту се заинтересирал за оваа работа. За да биде добар мајстор, Миле вели дека треба занаетот да се учи од дете. Наспроти неговата животна определба ковањето, тој има и втора љубов тоа е свирењето на жичени инструменти. Иако неговите раце се груби од тешката работа, знае да свири на прим и мандолина. Како младинец свирел за велешани познатиот „Црвен оркестар“ каде имало повеќе негови колеги занетчии, меѓу нив и најпознатиот велешки музичар Ало Тончов. Наспроти годините Миле Павлов не се предава, тешкиот занает не го остава и ја продолжува и семејната и градската традиција на ковање, чиј звук го ремети живеењето во чаршијата. Но без него неговите соседи неможат, велат е пусто.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »