речник контакт

Младите Германци Флориан и Карина, една година жители на Велес (фото)

Двајца млади Германци дојдоа да работат во Маркарт Македонија,и живеат во Велес

Петар Печков

Во процесот на одлив на млади од Македонија, чудно и за неверување е информацијата дека млад пар од Германија, се досели во Велес.  Флориан Сигер и Карина Фајфер се дел од тимот на Маркарт во Македонија. Во Велес живеат без малку  една година, а силен впечаток им остава  македонската култура, гостопримството и луѓето. Како се случи да станат дел од Маркарт во Велес?

Флориан: Отсекогаш сакав да стекнам работно искуство во странство. Во 2017-та година, седум недели бев во посета на фабриката во Велес и тогаш понесов со себе едно прекрасно искуство од компанијата и луѓето во неа. После неколку состаноци и разговори со генералниот директор на Маркарт во Велес, Волфганг Аихер и колегите и колешките од секторот за човечки ресурси во Велес и Германија, и секако, поддршката кон мене и Карина, одлучивме да го потпишеме договорот и да планираме преселба.

Карина: Летото 2017, Флориан се врати од Македонија и ми раскажуваше прекрасни искуства и моменти поминати во земјата. Неговата желба да работи таму се појави уште истиот момент. Тогаш започнавме да размислуваме за заедничко заминување во Велес, за по една година, летото 2018, да ја донесеме конечната одлука.

Додаваат дела во  Маркарт Македонија условите за работа и технологијата воопшто не се разликуваат од тие во Германија. Флориан во Маркарт Македонија работи како специјалист во Алатница а Карина како планер.  Прилагодувањето  на животот во Македонија не им билo воопшто тешко.

Флориан и Карина: Сите колеги се многу пријателски расположени и подготвени да помогнат во секое време. Навистина многу ја почитуваме македонската култура и луѓето. Отворени сме за дружба и вклучени во сите активности на локалното население и со огромно задоволство учествуваме во нив. Она што е најважно е дека почнавме да го учиме и македонскиот јазик. Но, сето ова за нас е многу лесно и достапно благодарение на нашите колеги. Посебна благодарност сакаме да му упатиме на колегата Стојан Лазаревски кој секојдневно не учи и упатува во секојдневниот живот на велешани.

Велат дека  факторот луѓе, култура, навики и стереотипи, каналите на комуникација може и да се скратат, бидејќи сите се познаваат меѓусебно, и многу полесно се доаѓа до потребната информација, и секако, човекот што ти треба. Професионалност постои, но границата помеѓу колега и пријател не е воопшто строга.

Често се дружат со колегите од работа, а за викенди ги посетуваат пријатели и роднини од Германија. Тука се скоро една година и се одлични туристички водичи. Велешкото езеро Младост им е омилена дестинација. Но патуваат и надвор од Велес, На врвот на листата е Охрид, Охридското Езеро и Свети Наум. Тука  се Галичица, Маврово и Матка. Никако не се за потценување Куманово, Кратово и Битола. Скопје им  нуди многу и целосно ги задоволува нивните потреби. Пред еден месец биле на  искачување на врвот Клепа. Велат имате преубава природа. 

Супер дружба. Имате превкусна храна, шопска салата и таратур, а печен и пржен пинџур се научивме да подготвуваме и по дома. Доста разбираме, а малку по малку и зборуваме македонски јазик, секако, со велешки акцент: фала, добро, здраво, како си, кај си бе... - додаваат двајцата млади Германци, времено жители на Велес. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »