речник контакт

Многу туристи на евтин одмор на езерото Младост

Крајбрежјето на велешкото езеро Младост е полно со гости од повеќе градови, кои летуваат со камп-приколки или со шатори.

Петар Печков

Крајбрежјето на велешкото езеро Младост е полно со гости од повеќе градови, кои летуваат со камп-приколки или со шатори. Туристите велат дека ова им е можност да се одморат и да поминат многу евтино бидејќи немаат пари за да заминат подалеку.

Најмногу ги има од Штип, Свети Николе, Кавадарци, Неготино, Куманово, Велес и од Скопје.
Летуваат бесплатно, бидејќи за просторот што го користат не плаќаат никаква такса. Според нив, во овој период, кога цутеле алгите, водата била и лековита.

- Водата е топла и пријатна за капење, децата уживаат во неа. Убаво е, само мора да се подобри инфраструктурата. Нема вода ниту санитарни јазли - велат летувалците, кои на диво се приклучуваат на електроенергетската мрежа.

Во околината на езерото нема ништо друго освен неколку мали киосци, во кои гостите можат да купат и леб и млеко. За други производи одат на пазар во Велес.

И покрај тоа, езерото е примамливо и годишниот одмор на неговиот брег го минуваат цели фамилии, но и млади друштва.

Локалната власт во Велес најави дека во идната година ќе ги поправи условите за престој крај езерото Младост, со што ќе се создадат услови за прибирање такса во локалниот буџет.

- Владата пред почетокот на летото ни го пренесе правото на управување со крајбрежјето и сега планираме големи зафати. Годинава беше доцна за да се преземат какви било мерки за негово средување - објаснува градоначалникот Аце Коцевски.

Неодамна локалната самоуправа ги известила камперите дека до 30 септември треба да ги отстранат објектите што се лоцирани покрај водата. Граѓаните очекуваат градот да одреди простор за кампување, кој нема да биде освојуван по принципот кој прв стигне и дека ќе изгради инфраструктура.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »