речник контакт

Моите американски пријатели во Велес

Како и зошто Велес, Младинскиот парк пулсираа во боите на виножитото, во знакот на пријателството, пред Велигден а со Мировниот корпус и Филип Рикер во друштво

Петар Печков

Илјада и четиристотини волонтери на Мировниот корпус владина организација на САД  изминатите петнаесет години престојувале во Македонија и помагале во нејзиниот граѓански и демократски развој. Со голема забава во Младинскиот парк, пред илјадници велешани, деца, ученици, се одржа манифестацијата ,,Моите американски пријатели,, во чест на 50 години  од Мировен корпус во светот и 15 во Македонија. Претстојните велигденски празници, кои годинава заедно ги чествуваат и католиците и православни, беше повод да се одржи хуманитарна продажба на шарени јајца а собраните средства одеа за добротворни цели.

Петнаесет години престој во Македонија, за нас е доказ за нашето пријателство, но  и за пријателството на американскиот народ кон целиот свет. Тоа резултираше со многу заеднички проекти и активности, трансфер на знаење. Да се замине во далечна и непозната земја и да се посветат две години од животот  во градењето на мирот и  иднината,  не е ни малку лесна задача. Ние како пријатели на Македонија, сме посветени да помогнеме во развојот на земјата – рече Филип Рикер амбасадорот на САД во Македонија.

Моментално во Македонија престојуваат 75 доброволци, кои во земјава живеат по 27 месеци и помагаат во образованието, невладиниот сектор, развојот на заедницата и бизнис секторот и работат на  информатичката технологија.  За овие минати години, не само што се раѓале пријателства, туку и љубовни приказни, кои во дваесетина случаи завршиле со брак.  Американците презадоволни од настанот и организацијата на чествувањето на јубилејот, испратија голема благодарност за велешани, кои се покажаа како добри домаќини.
         

Се надевам дека гостите се уверија уште еднаш, дека нивните волонтери се прифатени и добредојдени. Тие прават корисна работа за заедницата и тоа го цениме  – изјави Горан Петров, градоначалник на Велес.

За подобро запознавање на гостите со САД, на дел до бројните штандови, беше понудена американска храна која беше подготвена во Средношколскиот интернат и во Детските градинки.  Десетина благи и солени јадења имаа можност да вкусат велешани, кои досега не биле на нивната трпеза.  Салата од пилешки гради и свежи грозје, тако салата,  колачи со кикиритки, колачи со путер, беа дел од понуда.    
   
Беше задоволство и интересно да  се подготви нова храна, која досега не сум имала можност да ја спремам и е различна од нашата. Истата ја добивме како рецепт од Мировниот корпус, ја подготвувавме два три дена и еве велешани бргу ја изедоа. Ова беше типично американска храна, која сме имале можност да ја гледаме на телевизија  – вели Марина Ацкова, дел од  кулинарската екипа која ги подготви слатките во кујната од Детските градинки. Солената храна пак беше подготвена во средношколскиот интернат Лазар Лазаревски.
           
Подготвив четири американски рецепти. Немав потешкотии при   работата, иако  оваа  храна е различна за подготовката, по вкус. Но тоа не пречеше велешани да ја купат и еве ја нема на штандот - рече  Билјана Конева куварка во Интернатот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »