речник контакт

Мостот Гемиџии попушта пред времето

Мостот „Гемиџии“, во Велес е со нарушена стабилност и на него се видливи оштетувања и пукнатини кои создават грижи кај минувачите за нивната безбедност.

Петар Печков

Мостот „Гемиџии“, во Велес е со нарушена стабилност и на него се видливи оштетувања и пукнатини кои создават грижи кај минувачите за нивната безбедност. Соседите на овој премин преку реката Вардар одамна алармирале до надлежните но велат дека сеуште нема конкретна активност.



- Уште од пролетта видовме дека на дел од мостот се јавија пукнатини и тој е нестабилен, по што ги алармиравме надлежните. Откако тие поставија некакви носачи, оштетувања се јавија од спротивната страна од мостот – вели Никола Димовски кој се сеќава и кога мостот во далечната 1965 година е пуштен во сообраќај а преку него прв, со специјално возило, е превезен бродот „Галеб“ за Охрид. Оттогаш потсетува дека на мостот не се вршени големи поправки. Тој посочува дека деформации се јавиле кај делот каде што минува железничката пруга Скопје-Солун и тие се сомневаат дека со време поради тежината и бројноста на композициите, мостот почнал да попушта. Надлежен за негово одржување е Фондот за магистрални и регионални патишта, а тие се запознати со проблемите и веќе реагирале, но посочуваат дека изведувач на работите е ЈП Македонија Пат.



- Нашите стручни екипи излегоа на увид на мостот и констатираа дека е оштетен горниот заштитен слој како и арматурата. Поради ова поставени се држачи, потпори  и даден е налог на ЈП Македонија пат да започне со санација – изјавија од Фондот за магистрални и регионални патишта од каде не знаат зошто се уште не е започната работата на мостот Гемиџии. На ваквата состојба реагираше и градоначалникот на Велес Аце Коцевски кој побара побрза реакција на надлежните, за да не се случи некоја непредвеидена работа со големи и тешки последици по безбедноста и на луѓето и на сообраќајот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »