речник контакт

На Којник дуќан да имам

Којник е еден од знаменитостите на Велес и со право. Тука пред век и половина се одвивал животот во градот, каде се случувало се што е значајно и интересно.

Петар Печков

Којник е еден од знаменитостите на Велес и со право. Тука пред век и половина се одвивал животот во градот, каде се случувало се што е значајно и интересно.

Бидејќи бил далеку од чаршијата тука имало се што е потребо за одвивање на маалскиот живот и потреби. Со завршувањето на зимата и доаѓањето на пролетта се будел и животот во градот а со тоа и начинот како да се најде работа и пари. Во 80-тите години од 19 век, Турција се подготвувала за решавачките борби за империјата па се знаело дека на висока цена ќе бидат житата и афионот. Житото како храна а афионот како опиум за војниците кои треба храбро да војуваат за султанот и не мислат за дома и семејствата. Познато е дека во тоа време велешкиот афион бил на цена и многу баран.  

На Којник имало повеќе меанчиња а најпознато било тоа на Нато, каде било вистинска берза на  на работна рака. Тука од рани зори доаѓале аргатите од Којник, Мегдан, Бузаана. Нато бил омилен, бидејќи бил работлив и досетлив и го прифатиле и сиромасите и еснафите. Нато многу убаво раскажувал, па затоа го добил прекарот Нато кралот. Тоа му носело муштерии во меаната од која живеело семејството, сопругата и четирите ќерки.

Во една пригода, рано наутро имало многу аргати а поради ривалството на чорбаџиите, Петре Витанчето го одврзал кесето и за да докаже дека може се, најавил дека на младите моми ќе им плати дневница и половина доколку дојдат кај него. Така и било, кон неговата страна дошле младите  моми и невести додека кај ривалот на Петре, Јован Спасев кој не бил така имотен останале  постарите жени. Иако платил таа недела повеќе од Јован, Петре Витанчето не загубил многу, бидејќи младите аргатки испрашиле повеќе афион и сработиле повеќе од тие на Спасев. Од тоа време останала  песната а денес и куќата на Натеви,

куќата на „Нената“ жолта која се наоѓа од десната страна на влезот на Којник. Песната ја раскажала Невена Натева а ја запишал Никифор Смиелвски во книгата „Песната и коренот“.



Што ми е мило ем драго на којник дуќан да имам


Што ми е мило ем драго оф аман,
што ми е мило ем драго,
на Којник дуќан да имам, аман, аман,
на Матевото дуќанче.

Кога одат на афион, оф аман,
кога одат на афион.
У Петрета зик тончето, аман, аман,
у Јована на Спасеви.

Да гледам моми Којнички, оф аман,
да гледам моми Којнички,
Којнички ем бузанчанки, аман, аман,
Којнички ем бузанчанки.

На Петрета аргатите, оф аман,
сите моми и невести,
на Јована аргатите, аман, аман,
сите баби без заби.

Што ми е мило ем драго оф аман, ман
на Којник дуќан да имам, оф аман, ман.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »