речник контакт

На питијада гости од Македонија но и од Германија, Шпанија и од Аргентина (фото)

Се изедоа 76 илјади пастрамлии, се испи 17 илјади литри вино

Петар Печков

Ќе остане запишано дека на 13-тата Питијада, годинава во Велес за три дена,  се изедоа ни повеќе  ни  помалку  туку 76 илјади пастрмалии и се испи 17 илјади литри  вино.   Ова се официјалните бројки кои ги  соопшти организаторот, на најпосетуваната  манифестација во градот.  

Бројките се збирни за штандовите од улица Благој Ѓорев, каде се одвиваше  Питијада но и од ресторанти во градот   каде три вечери  се бараше слободно место.  

Годинашната питијада беше најдобро организирана и посетана од сите претходни години.  Голема благодарност до   граѓаните на Велес кои имаа  разбирање и трпение за се што се случуваше во градот изминатите три дена  - изјави градоначалникот Славчо Чадиев.  

Тој упати благодарност до 42 фирми, не само до Велес туку и од цела Македонија  кои финансиски ја поддржаа Питијадата, до вработените на ЈКП Дервен .  Од СВР Велес информираа дека не е регистриран ниту еден инцидент, сообраќаен или нарушување на јавен ред и мир.    

Забавата која ја понудија Каролина, Љубојна, Нокаут, ДНК, гостите од Белград Ван Гог и најмногу Жељко Јоксимовиќ  придонесе за посетеност која досега не е забележана.  За тоа зборува и келнер од ресторан, кој работно бил ангажиран на сите претходни Питијади, кои се случуваа во  Велес.

Работа имаше премногу, толку многу се изеде и испи, што немаше капацитет да бидат задоволени посетителите. Саботата вечер пак е  неповторлива.  Тогаш животот сопре, едноставно немаше веќе простор каде да се движат луѓето. Претходно имаше како корзо, се движеа, одеа,  подоцна не, застанаа не можеше ниту лево  ниту десно, ни напред  ни назад.  Беше преполно и неделата преку ден, имаше многу гости   - вели соговорникот.

 А дека манифестација привлече внимание зборуваат и неколку примери за гости кои дојдоа да ја вкусат велешката пастрмалија.  

За Питијадата ја поканив мојата пријателка Марион Клајнефебер. Таа еве вечерва е тука, се забавуваме. Вчера славевме роденден на пријателката Грозда.  На Марион интересна и е традицијата, ја вкуси пистрмалијата и  ја пофали. Што се однесува помеѓу македонското вино и германското пиво, не може да се  одлучи што е подобро. Забавата е супер и дождот не не` спречи да си останеме и ги слушаме Љубојна и Каролина  – вели   Горица  Петровска Лозен, која  се врати да живее во Велес, откако 40 години работеше во Германија.  

Пастрмалија  вкуси и Аргентинецот  Александро, сопруг на Македонката Оливера Лазаревска, која како дете ја испеа незаборавната Никола, Никола. Тие живеат во Мадрид Шпанија, а престојот во земјава го искористија да пробаат од велешкиот специјалитет и рекоа дека не зажалија. Шпанецот Францискум Биготум од Барселона, пак учествуваше на велосипедската оф роуд трка, возејќи по велешкото беспаќе. Кога извози доби пастрмалија за ручек. И тој го  пофали велешкиот специјалитет. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »