речник контакт

На чист понеделник, на бел грав, на Мегдан

Традиција со години, ден кога започнуваат Велигденските пости

Петар Печков

И овој понеделник, прв по верскиот празник прочка жителите на велешкото маало Мегдан беа домаќини на Чист понеделник. Ова е традиција стара со децении, кога симболично започнуваат велигденските пости а за таа цел се подготвува посен, бел грав. Се отвораат ширум портите, се  мести трпезата и на неа се поставува јадењето и мезето, специјално подготвено за првиот ден, од  долгите 40 дневни пости. Оваа традиција, не е од вчера и затоа жителите од Мегдан се горди на неа и љубоморно ја чуваат и одржуваат.

Овој ден е можност да се сретнеме по долгата зима, да излеземе од дома, да се видиме, да се дружиме. Еве низ песма и оро, муабетиме, се потсетуваме на многу работи. Овој ден е ден  и начин за дружење, меѓу соседите, пријателите, роднините, но  и со минувачите низ овој дел од градот.    Ова традиција е од нашите стари, од родителите, од дедовците. Тие се собираа тука, се подготвуваше бел грав. Имаше фурни па се носеше тазе леб, кој чуреше. Се печеше риба, традицијата се пренесуваше од колено на колено и еве сега младите ја продолжуваат. Тука беше Ѓорѓи Дебарлиев,  Ѓорѓи Гајдов Балканец, тие беа што организираа  - се присетува   Јован Тодоров постар жител на Мегдан.

Овој дел на градот го добил името по турскиот збор мегдан бидејќи е чистина,  од каде се гледа целиот стар дел на Велес. Дружењето има и свој кум, кој се грижи да има доволно храна за сите  гости. Годинава тоа беа двајца помлади мегданчани.

Наша обврска е да купиме грав,  посно мезе, обезбедиме леб, ракија, вино, сок. Се што нудиме е посно, како што треба за овој ден – вели  Никола Јосмов

Како деца игравме тука околу постарите.  А сега   како млади се бидуваме да ја задржиме традицијата.  Обновена е од 90-тите години. Започнуваме од 10  часот до кај 5 поручек. Освен жителите на Мегдан добредојдени се сите кои ќе дојдат – вели  Александар Ангелов исто така кум на дружењето.  За догодина за кум  се пријави Александар Ристов.

За жители на Мегдан овој ден е најзначајниот во годината. Тие од пладне до вечер ги пречекуваат гостите и сите се добредојдени.  Обврската да го подготви традиционалниот бел грав со години наназад ја има мајсторот Тоше.               

Како и секоја година, така и оваа подготвивме цел лонец бел грав.  Во него нема додатоци освен сува чушка, кромид, лукче, бибер. Јас го учев од  старите, гледав како тие го подготвуваа,сега јас продолжувам. Досега не се случило да се посрамотиме. Секогаш има доволно грав за гостите. Ако снемува, нема за нас домаќините, ама за сите што дошле мора да се најде. Ми остана мене обврската да го подготвувам гравчето. Нема рецепт, само да не биде мрсен – вели  Тодор Иванов.

Традицијата на Чист Понеделник  во Велес започнува од првите години на минатиот век, празнувањето е сврзано со прошетки и излегување од дома, по зимата, која си заминува, и со доаѓањето на пролетта и повисоките температури.

Прочистувањето на луѓето од тешките зимски јадења, почнува токму на Чист понеделник, прв ден по Прочка. Тогаш  жените, домаќинките започнуваат со чистењето на куќите, домовите и дуќаните. Колку велешани се горди на ова традиција, зборува фактот што во малкуте преостанати фабрички ресторани, на овој ден задолжителен е белиот грав.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »