речник контакт

Напуштениот хотел Интернационал, дом за чавки и бездомници

Велес е град без хотел. Интернационал никако да проработи ама тешко дека тоа ќе се случи и за некоја година

Петар Печков

 Велес е без хотел а туристите нема каде да престојуваат. Ваквата состојба е присутна безмалку две години, откако хотелот Вила Зора остана без стопан, бидејќи  корисникот АД Киро Ќучук поради финансиските проблеми си замина а хотелот Интернационал во центарот на градот не работи  шест години. Гостите кои доаѓаат во градот мораат да престојуваат во мотелите кои се во близина на градот, покрај автопатот Скопје – Гевгелија или езерото Младост.

Туристите кои доаѓаат во Велес, ги погледнуваат  бројните знаменитости и си заминуваат. И да сакаат да преспијат, нема каде да преноќат.  За жал во градот нема хотел. Бизнис секторот кои има најмногу гости, мака мачи бидејќи неговите партнери мораат да престојуваат  во објекти кои се со километри подалеку од градот. Тоа им ја отежнува соработката и контактите. За овие години градот изгуби многу пари од престојот на туристи. Кога домаќинот ќе побара гостите да ги сместиме во градот, ние немоќно креваме раце – вели туристички работник од Велес.

Единствената шанса нешто да се стори е да повторно проработи хотелот Интернационал, лоциран во центарот на Велес. Тој е сопственост на Мите Јованов, кој неодамна го рестартираше со работа мотелот Македонија, лоциран покрај автопатот Табановци – Гевгелија. Но неизвесно е кога објектот во Велес ќе проработи, иако е купен пред три години.

Ако градот не сака да има хотел, тогаш не можам ништо на сила да сторам. Барав градежна дозвола да го уредам објектот по светски стандарди, ме одбија, не бил во согласност со ДУП. Со години ветуваат дека ќе го донесат, но досега ништо не се презема. За летната тераса водам судски спор да докажам дека е бесправно доделена и тој процес се влече во оваа институција. Така што кога ќе се случи Хотелот да проработи не е извесно – вели Мите Јовановски, сопственик на Хотелот Интернационал.

Тој побарал во приземјето наместо како што е сега, да има трговски дуќани а над нив да бидат ресторанот, кафеаната и слаткарницата. Но за ова Јовановски се жали дека не добил согласност.  Од локалната власт на Велес  со спротивен став, тие тврдат ги прифатиле барањата на сопственикот а зошто не продолжила процедурата, зависи од него.

Позитивно одговоривме на барањето на Јовановски за пренамена на просторот. Но за тоа ќе треба да се смени Деталниот Урбанистички План. Бидејќи општината нема потреба за негово менување не го започнавме,  а  Законот дозволува заинтересираната странка да може со сопствено финансирање да го смени ДУП, па така досега работата ќе се завршеше, ако сопственикот навистина сакаше тој да проработи – велат од локалната власт на општина Велес.

Во меѓувреме хотелот Интернационал е грда слика на градот. Напуштен, сериозно оштетен, со искршени прозори, дом за скитници и диви животни, собиралиште за наркоманите. Фирмата “Макоил”, во сопственост на Мите Јовановски за 860.000 евра во 2008-тата  го купи велешкиот хотел “Интернационал”. Така  стана сопственик на простор во  центарот на Велес од  3.500 квадратни метри, има 150 легла во 80 соби,   ресторан, диско сала и кафе бар.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »