речник контакт

Најголеми научни откритија и достигнувања во 2010 година

Од далечната вселена до езерата во Калифорнија, од необична бактерија до веројатно најскапиот и потенцијално најопасниот експеримент во историјата, науката во 2010 година ни подари многу постигнувања, не фасцинираше и ни разбуди надеж.

Петар Печков

Европската вселенска агенција објави снимка од целата вселена која нејзиниот сателит Планк ја снимаше цела година, дел по дел. Кон средината на сликата, која е направена како мозаик од повеќе снимки, се простира нашата Галаксија и млечниот пат. Од тоа сепак поинтересно е заднинското микро браново зрачење видливо на горниот и на долниот раб од „колажот“, а кое го претставува најстарото светло во вселената, светло кое настанало 380 илјади години по Големата експлозија, пред 13,7 милијарди години.

Објавен каталог на морскиот живот

После десет години работа на 2.700 научници од повеќе од 80 земји завршен е и објавен попис на сите живи организми во светските мориња.
При работата на пописот идентификувани се дури 20 илјади нови видови (250 илјади во однос на 230 илјади познати до тогаш), а научниците претпоставуваат дека е можно во морињата да постојат дури милион различни животински и растителни видови, затоа што петина од океаните се уште не е истражена.

Многу вода на Месечината

Иако откривањето на мраз, односно вода на Месечината е од 2009 година, оваа година анализата на резултатите од леталото на НАСА Лунар Кратер Римоут Обзервејшн, кое удри во кратерот Кабеус во близина на Јужниот Пол на Месечината за да го истражи составот на замрзнатото тло, покажа дека во еден тон материјал има околу 45 литри вода.
Тоа е доволно за одржување дури и на човекот, што беше големо изненадување за научниците и исклучителна вест за сите кои сонуваат за колонизација на овој сателит на Земјата.

Први резултати од Големиот хадронски судирач

Се случи мини „Голема експлозија“, а Земјата се уште постои. И покрај тоа што некои стравуваа дека експериментот во Женева ќе доведе до создавање на мала црна дупка и уништување на Земјата, па дури имаше и обиди по судски пат да се запре работата на LHC, Големиот хадронски судирач ги даде првите резултати и на научниците им пружи увид во тоа како изгледале првите моменти од постоењето на вселената, пред 13,7 милијарди години. Многу силни магнети забрзуваа јони на олово во 27 километри долгиот тунел на LHC, при брзина што е речиси колку и брзината на светлината.

Со нивното судирање во многу мал дел од секунда се создаде температура милион пати поголема од онаа во центарот на Сонцето, што се услови кои не се забележани уште од Големата експлозија. Научниците се надеваат дека ќе успеат да дознаат повеќе за потеклото на вселената и за мистериозната „темна материја“.

„Фатена“ прашина од астероид

Јапонската вселенска сонда Хајабуса (во превод Сокол) два пати успеа да слета на астероидот Итокава и во јуни годинава на Земјата донесе околу 1.500 честички прашина од тој астероид. Јапонскиот Сокол полета уште во 2003 година, а на астероидот слета во 2005 година.

Останува да се види што честичките прашина ќе им откријат на научниците за астоероидите, метеорите и целиот сончев систем, но многу научници сметаат дека е успех на јапонската вселенска агенција на астероид да испрати сонда која зела примероци и безбедно се вратила на Земјата, што отвора врата за нови мисии и нови откритија.

Дешифрирање на геномите на „хрватските“ неандерталци

Од ДНК на три фосилни скелети од неандерталци од пештерата Виндија во Хрватска, американските научници успеаја да издвојат геном на овие предци на човекот. Открија дека неандерталците се вкрстиле со денешниот човек затоа што околу два проценти од човечките гени потекнуваат од неандерталци кои се појавиле пред околу 400 илјади години, а изумреле пред 30 илјади години.
Квантна машина

Законите на квантната механика велат дека атомите и молекулите можат во исто време да се наоѓаат на две места. Физичарите Ендрју Клиленд и Џон Мартинис од Универзитетот во Калифорнија успеаја да предизвикаат квантна состојба  кај метална лопатка, така што таа во исто време се движеше и мируваше, значи во исто време беше на различни места. Ова е прв пат квантната состојба да се предизвикана кај предмет кој е милијарди пати поголем од атомите и молекулите.

Откриен лек за Сида ?

2010 година донесе сериозен  развој во борбата со најголемата светска епидемија. Германските научници објавија дека во целост го излечиле заразениот со ХИВ Тимоти Реј Браун - „берлинскиот пациент“ како што го нарекоа медиумите.

Нему пред три години му се трансплантирани матични клетки од донатор кој има природна отпорност на зараза со ХИВ, благодарение на генетскиот профил поради кој корецепторите (кои ХИВ ги користи за да влезе во клетките) се отсутни од неговите клетки. Во телото на Браун нема вирус и научниците веруваат дека така нашле лек против Сида.

Воедно изминатава година се пронајдени и две ефикасни средства за спречување на ширењето на ХИВ. Со комбинација на два лека против Сида, фармацевтската компанија „Џилеад Сајенсиз Инк.“ е создадено апче чие земање го намали ризикот од зараза со ХИВ кај мажите за речиси 44 проценти. Секојдневно земање на ова апче го намали ризикот за дури 70 проценти, тврдат научниците повикувајќи се на студија која Владата на САД ја спроведе во Перу, Јужноафриканска Република, Тајланд и во друг делови во светот.

На жените пак надеж им дава микробициден вагинален гел кој го содржи лекот теновивер од истата компанија, тестиран во Јужноафриканската Република. Гелот ја намали заразата со вирусот ХИВ кај жените за 39 проценти во текот од 2,5 години.

НАСА отрки нов облик на живот - на Земјата

На почетокот на декември американската вселенска Агенција НАСА одржа прес-конференција која кога беше најавувана предизвика невиден интерес кај медиумите и јавноста, затоа што беше најавено претставување на „астробиолошко откритие кое ќе влијае на потрагата по докази за вонземски живот“.

Иако на крајот конференцијата беше големо разочарување за сите кои очекуваа дека НАСА ќе обелодени дека пронашла вонземски живот (или ќе признае дека одамна знае за „малите зелени“) откритието кое го претстави младата научничка Фелиса Волф - Симон е исклучително значајно за нашето разбирање на можноста за создавање на живот во вселената и потрага по него.

Нејзиниот тим во езерото Моно во националниот парк Јосемит во Калифорнија, кое има најголема природна концентрација на арсен на Земјата, ја откри бактеријата ГФЈА-1 која наместо фосфор за живот користи арсен, за разлика од сите други организми на нашата Планета. До сега се веруваше дека на целиот живот на земјата му се неопходни јаглерод, водород, кислород, азот, сулфур и фосфор.
Откритието целосно го менува начинот на кој ги гледаме можните локации на живот во вселената, а во Сончевиот систем се верува дека арсен има на месечините на Јупиер и Сатурн.

Синтија

Во мај 2010 година создадена е првата синтетичка бактерија која нејзиниот создавач - американскиот научник Крег Винтер ја нарече Синтија. Научниците на компјутер создадоа синтетички геном и потоа го составија, го имплантираа во клетка и така создадоа нов вид. Станува збор за револуционерно откритие кое е прв чекор кон создавање на лабораториски „дизајнирани“ организми кои би се користеле на пример во производство на биогориво, апсорпција и преработка на јаглерод-диоксиод од атмосферата, прочистување на водата или развој на нови лекови. Успехот на Вентер сепак е далеку од примена затоа што научниците мораат уште многу да научат за генетиката и однесувањето на клетките, но првиот чекор е сепак прв чекор

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »