речник контакт

Не е познато кога ќе започне и колку ќе трае санацијата на оштетениот столб од железничкиот мост на Црна, кај Стоби (фото видео)

Најголем удар ќе има МЖ Инфраструктура бидејќи со по неколку товарни воза секојдневно од Солун за државите од средна Европа, превозот на стоката ќе се одлее голема девизна заработувачка

Петар Печков

Оштетувањето на еден од двата столба на железничкиот мост на реката Црна, кај Стоби, било констатирано вчера во 12,35ч. од страна на машиновозачот на товарниот воз од Гевгелија за Скопје.  Тој случајот го пријавил во Македонски железници Инфраструктура, од каде веднаш упатиле екипа и констатирале дека не е безбеден за натамошно користење.

Претпладнево  на терен биле стручни екипи, за што информираа од ЈП МЖ Инфраструктура. Во писменото соопштение нема информација кога ќе започнат работите на санација и колку време ќе се изведуваат.  

„На терен се излезени екипи на ЈП Македонски железници  Инфраструктура, професори од градежен факултет, експерти и стручни лица од областа и истите вршат увид на моменталната ситуација по што ќе се одлучи како најсоодветно и најбрзо да се постапи, за да се воспостави непречено функционирање на железничкиот сообраќај“ - соопштија од ЈП МЖИ.

Железничкиот сообраќај од и за Гевгелија е во прекин.  Товарните возови од Солун сообраќаат до Криволак, додека патничките  возат со премостување. Патниците од Градско до Криволак, се префрлаат со автобус а потоа патувањето го продолжуваат со воз до Гевгелија и обратно. Од Гевгелија до Криволак со воз, од таму до Градско со автобус а потоа повторно со воз до Скопје.

На местото на увид кај мостот, имаше вработени од македонски компании, кои се увозно или извозно  ориентирани. Зборуваа дека им било ветено санацијата да се заврши за десетина дена.  Со прекинот на железничкиот сообраќај од Солун за Скопје, најголем удар ќе има МЖ Инфраструктура бидејќи од превозот стоката, со по неколку  товарни воза секојдневно од Солун за државите од средна Европа, ќе се одлее голема девизна заработувачка и тоа преку алтернативниот правец преку Бугарија.

Претходно на 29 септември 2018 се оштети друг столб на железничкиот мост и тој се санираше до 8 ноември. За 40 дена двете компании на МЖ,  Инфраструктура и Транспорт тогаш објавија дека загубиле 1,2 милиони евра.

АНКЕТА »

Каде го минавте летниот одмор?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »