речник контакт

Некогаш естрадна ѕвезда, денес музичар на повик

Виолината му изградила куќа на легендата на музиката Енвер Мачев

Петар Печков

Сум свирел на 2.000 свадби и на безброј кафеански седенки, па само што ќе видам човек знам каква песна сака, вели Енвер Мачев.

Работи, главно, ноќе, преку ден спие. Сепак, вели, во секое време е достапен за своите деловни партнери - бизнисмени, политичари, боеми и за сите што ги сакаат кафеанските или домашните седенки. На мобилниот телефон годишно имал по 200 службени повици од Штип, Велес, Кочани, Скопје, Охрид... Толку денови во годината и работи, заедно со гитаристот Моамер, тарабукашот Шефки и со неговиот син кларинетистот Билхан. Така живее Енвер Мачев откако пред пет години им кажал збогум на Германија и Австралија и решил да живее во Штип како музичар на повик.

Мајсторот на виолина, 57-годишниот Мачев снимил повеќе од 50 плочи со околу 200 песни, ора и чочеци со Ферус Мустафов, Илми Јашаров, со Есма и Стево Теодосиевски... Неколку плочи снимил и самостојно како пејач, а најпродаваната, во поранешна СФРЈ, имала тираж од 30.000 примероци.

 Потекнувам од музичко семејство, па што можев да бидам друго освен музичар. Татко ми, Мујамин - Мачето, беше основач на "Велешките чалгии". Кога имав шест години од Велес се преселивме во Штип, родниот град на мајка ми. Тука се спријателив со Ферус Мустафов и почнавме да свириме уште како деца. Во 1971 година се оженив со Мукаде, сестра на Ферус и ќерка на виртуозот Илми Јашаров, со која и денес сме во брак - се присетува Мачев.

Првиот оркестар, заедно со Ферус, го формирал кога имал 13 години. Од 1969 година почнале да настапуваат и надвор од Македонија. Тогаш Енвер Мачев, заедно со оркестарот на Наско Џорлев и со Петранка Костадинова, во Белград ги снимиле познатите песни "Не кажувај либе добра ноќ", "Во Струмица на улица" и други. Потоа настапувале низ СФРЈ, во Германија, Австралија, Швајцарија, Белгија, Холандија...

Сум свирел на околу 2.000 свадби, на многу кафеански седенки, па само што ќе видам човек знам каква песна сака. Свириме и пееме сите од групата и знаеме повеќе илјади песни. Кај нас нема што нема. Македонско, турско, ромско, српско, хрватско, грчко - вели Мачев.

Сега вели дека свири секаде каде што ќе го повикаат.

За цена не се договараме. Често свириме со часови за 200-300 денари, а некогаш, но многу ретко, знае да падне "тешка пара". Еднаш во Прилеп дури не можевме да ги преброиме парите и одвај ги спакувавме во торбите. На една свадба во Кочани ни беа "залепени" разни банкноти, тогаш во вредност од 18.000 германски марки - открива Мечев дел од своите доживувања.

Вели дека го учи својот син Билхан да не биде алчен, да не прашува за пари, бидејќи "муштериите ќе дадат колку што можат ако се задоволни од свирката". Енвер е задоволен од тоа што го постигнал од свирката.

Со виолината го прошетав светот. Со неа изградив убава куќа, со неа ги одгледав моите три ќерки и двајца синови. Сите се мажени и женети и, засега, имам 14 внуци.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »