речник контакт

Нема повеќе четврт леб со паштета во лебарата на Жито Вардар

Се затвори продавницата со најдолг стаж во градот

Петар Печков

Се затвори продавницата со најдолг стаж во градот, кај велешани познатата како лебара на Жито Вардар. Таа се наоѓаше во центарот на Велес, на плоштадот Сармаале, кај двата јавори.  Постоеше точно половина век и за целиот овој период на жителите им нудеше леб, бели печива.  Поради финансиските проблеми со кој се судрува сопственикот Жито Вардар, продавницата се продаде, доби нов газда.  Кај велешани останаа само сеќавањата за    најстарата продавница во градот,  чија врата сега ја краси катанецот.

Зградата  каде е лоцирана лебарата, е изградена 1954-тата  година. Таа беше  меѓу првите во градот.   На местото каде сега е продавницата имаше празен простор и еден киоск на лотарија. Тука се уплатуваше спортска, се продаваа лозови, игри на среќа. Просторот се прегради, за да се искористи во 1963-тата. Го доби Жито Вардар за лебара. Така беше се до пред некој ден. Од тука се снабдуваше половина град, оти сите минуваа низ центар – вели Орце Јанев  сосед од  блискиот влез, кој тука живее од постоењето на зградата. 

Постарите велешани емотивно го доживеаја овој момент, затворањето на продавницата, како нешто што им е блиско, прираснало за срце, како дел од историјата на градот.

Овој настан е дел од хрониката  на градот. Имаше и постари продавници во Велес, во центарот. Ама тие со транзицијата, има повеќе од десетина години, како се затворија.  Сега тие имаат нови газди, современи бутици, банки. Оваа беше најстарата, остана преживеа. Ама и дојде времето и нејзе да ја затворат. Порано на ова место каде сега стоиме, на Сармаале, под јаворите, беше автобуската станица. Тогаш за лебарата беа најдобрите времиња – вели Стојан Димов, пензионер од Велес.

Тој со друштвото стоеше пред продавницата, од која остана само плакатот и затворените решетки.  За петте декади работење низ неа  минале илјадници велешани, бидејќи тука, во центарот на градот, секогаш некој имал потреба од нешто за јадење, за каснување од нога.

Отворавме уште во пет часот, бидејќи Велес беше работнички град и река народ одеше на работа наутро. Повеќето купуваа нешто за појадок. На враќање, леб за ручек. Наутро мирисаше на вруќ леб, на печива, бурек. Случајни минувачи доаѓаа на четврт леб со паштета, мортадела или сланина. Имаше и од нога по едно пиво, за да стигнат до  пет шест. Имавме шанкови и тука јадеа, пиеја. Имаше и ученици кои тука  доаѓаа да купат појадок или ужина. Поминале десетици илјади луѓе, вистинска маса од народ. Но за жал останаа само спомените. Наместо лебара сега ќе биде некој нов современ салон, за потребите на новото време – вели поранешна продавачка, пензионерка која долги години работела во оваа продавница.

Така оваа продавница ќе остане само како спомен на фотографиите, но и во сеќавањата на велешани, која долго се бореше пред предизвиците на новото време.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »