речник контакт

Нов споменик за Рацин и уредување на просторот на Лопушник

Општина Велес и општина Другово заеднички ќе постават нов споменик за Рацин на врвот од Копачијата и ќе го уредуваат просторот каде тој е загинат

Петар Печков

Спомен плочата која е поставена длабоко во шумата, каде е застрелан Рацин,  почитувачите на неговото дело и посетителите сметаат дека  не е достојна за делото што го остави поетот и револуционер. Тие реагираат и на пристапниот пат до местото, за кое бараат да биде достапен.  На 13-ти јуни секоја година стотина гости доаѓаат да го посетат ова место, да остават цвеќе и му се поклонат на  Кочо Солев. Тогаш и ова прашање се актуализира, а локалните власти од двете општини најавуваат нов споменик и пристап. Најмногу   посетители  ги има од општина Другово, Кичево, Велес но доаѓаат и од другите делови на Македонија.

Сметам дека времето ја надминало оваа спомен плоча поставена пред 50-тина години. Потребно е ново обележје, нов споменик, кој ќе биде достоен за името и делото на Коста Солев Рацин – вели Гулаб Сарафимовски кој не пропуштил ниту еднаш во изминатите 37 години да му се поклони на Рацин. За него не важи болест, отсуство, тој едноставно мора да дојде тука на денот на погибјето. Рацин со своето дело оставил место, но и обврска  кон македонскиот народ,  и во овој предел на Македонија  за поетот има посебна почит.   Можеби и затоа има два споменика, едниот на местото каде е убиен и вториот на блискиот врв од каде пука прекрасен поглед на Копачијата, Дебарца, Галичник.  На споменикот на врвот, има букетот со свежо ендемско  цвеќе кое цути само во Галичник, а жителите од Лазарополе го берат рано наутро, тргнуваат во четири часот за да стигнат до 10. Тие пешачат пет часа низ шумски предели и не трасиран пат, за да му оддадат почит на патронот на нивната Земјоделска задруга, која била прва во Македонија а денес не постои.  Така го исполнуваат аманетот од нивните стари.

Патот до споменикот на Рацин потребно е да се изгради, за да може што повеќе гости да доаѓаат тука, а не како што е сега по земјен лош пат,кој го користи шумското стопанство, за сеча на дрвја.  Ова посебно е важно  за лицата кои физички не можат да се качуваат по козјите планински патеки, но и да се отвори можност да се ужива во прекрасниот предел и природа на планината Бистра и за развој на туризмот - вели  Горан Димитриевски моторист од Кичево. Реакциите за споменикот и патот не се само од годинава, тие ги има со години наназад. Стигнале и до локалните власти на Другово, општина каде се наоѓа местото каде е застрелан Рацин и Велес родниот град на поетот. Тие најавуваат дека ќе се реконструира споменикот,  патеките и просторот, во пресрет на следната година кога се одбележуваат јубилејот половина век Рацинови средби..

Заеднички двете општини Другово и Велес, ќе конкурираме до Министерството за култура со проект за Лопушник каде е застрелан Рацин. Ќе се обнови споменикот на врвот од планината, ќе се градат пристапни патеки до местото каде е убиен и ќе се реконструира печатницата и местото  околу неа. Планираме на  50 годишнината од Рациновите средби, поетскиот митинг да го организираме таму, на Лопушник – велат од локалната власт на општина Велес.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »