речник контакт

Нова книга, „Само Бог простува“ на велешанeцот Анде Јанков, четврта по ред

Повторно трилер за инспекторот Виктор Николов

Петар Печков

Излезе од печат „Само Бог простува“  нова,  четврта книга на младиот автор, велешанецот Анде Јанков. Таа е издание на издавачката куќа „Антолог“. Иако е дипломиран економист, тој  пишува романи и ова му е неговата втора работна обврска.

„Ова е трет роман за истрагите на инспекторот Виктор Николов.  Една недела по излегувањето од печат, има голем интерес за неа.  Тоа ми е особено драго, но и поттик за да продолжам натаму да пишувам“ - вели авторот Јанков.

Неговите три  претходни книги  „Едно лето на Крит“ издадена 2016-та, „Виенски гамбит“  издадена 2020-та, „Сигурен ризик“ издадена лани,  предизвикаа голем интерес и читаност  а истрагите на инспекторот Виктор Николов, ги оставаат читателите без здив но со неизвесност кој е сторителот.   Трите  романи имаа неколку изданија, бидејќи  тиражите бргу се продадоа.

„Сакам да читам литература со крими заплети, трилери и затоа такви и пишувам. Инспирацијата и мотивацијата ја наоѓам од секојдневниот живот.  Живееме во такво општество, има од што да се инспирираме, работите не се совршени.  Општествените услови прилегаат да се твори во овој крими -трилер жанр“ - додава Јанков.  

Во своите дела Јанков одлично се впушта во жанрот трилер, кој секогаш има своја публика, каде со големо мајсторство ги внесува читателите во мистериите на извршените убиства. И со разрешницата, која малкумина ја очекуваат или претпоставуваат, ги држи до последната страница од книгата.

Авторот смета дека овој жанр, трилерот, малку е присутен кај македонските автори а  има  своја публика која го посакува. Една од книгите е подготвена со сценарио и за тв серија а еден од неговите романи „Едно лето на Крит“ може да се најде и на „Амазон“.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »