речник контакт

Норвешки зет и Македонска невеста се веселеа во Велес

Две свадби за еден брак. Првата свадба на Кенет Скревог и Викторија Апостолова била во мај во ладната Норвешка, а во јули минаа неколку илјади километри и во жешкиот Велес ја направија втората.

Петар Печков

Едно момче и една невеста правеа две свадби, на два краја од Европа. Првата во мај во Норвешка, а втората деновиве во Велес. Македонска музика ечеше во велешката Розе сала, гостите се веселеа на бракот на убавата Македонка и зетот Норвежанец. Во брачните води запливаа Викторија Апостолова и Кенет Скревог.

Најблиските на невестата дојдоа во родниот крај за да се провеселат со роднините и пријателите, а два месеца претходно се веселеа во Норвешка, каде што свадба правеше момчето.

- Нашиот брак е љубов на прв поглед. Го видов на минување во градот Ашен каде што живеам и знаев дека тој ќе биде мојот сопруг. Така и би, па сега по три години врска сме во брак - вели Викторија.

Таа е фризерка, а тој има сопствена фирма за водоводна инсталација. Среќни се што нивната радост ја споделија со многубројните роднини на невестата во родниот Велес. Токму поради нив се решиле да прават две свадби, на илјадници километри оддалечени места. Две свадби, два света.

\"\"





На првата, која се одржала при крајот на мај во Норвешка, биле присутни 50-ина гости блиски на момчето. Не се играло и пеело како тука. Таму, по нивните обичаи, до ручекот гостите раскажуваат за животот на момчето и настани што се паметат. За време на јадењето, се удира по чиниите и чашите со приборот за јадење, а младите се должни да станат на стол и да се бакнат. Така се\' додека гостите тропаат по масата. Потоа се игра, најчесто валцер. Но се заиграло и оро, тие што знаеле се фатиле, но и тие што не знаеле сакале да научат, па на подиумот бил мала школа за македонски ора.

Така било во ладната Норвешка во мај. А во јули, во жешкиот Велес, младите застанаа под знамињата на двете држави, македонското и норвешкото, да се знае кој од каде е. Тукашната свадба мина со сите адети, од туркање на врата до носење на невестата низ град. Зетот Кенет се смешка и задоволно вели:

- Ја почитувавме традицијата, сакавме таа да стане дел од нашата свадба. Имаше многу интересни работи - вели тој.

Зетот од Норвешка доаѓа вторпат во Македонија и вели дека освен во Викторија се вљубил и во македонското пиво. Тука бил и пред две години и сега забележал многу разлики, на подобро. Тој за оваа пригода ги донесе кумовите од Норвешка, Марита и Рој Ловстад, кои беа одушевени од престојот и приемот во земјава. Иако со резерва дошле во Македонија, не сакаа да заминат. Се чудеа како е можно да имаме скап бензин, а евтино такси-возење.

Приказната за свадбата не завршува тука. Таткото Димче Апостолов, кој во Норвешка заминал 1972 година, каде што ја нашол сопругата Фреди, најавува в година нова веселба на домашен терен. Таа ќе биде за синот Андреј и снаата Линда, кои ја имаат и едногодишна ќерка Батеја. Уште отсега, иако се\' уште се свежи сеќавањата на свадбата од ќерката, се подготвуваат за в година. Викторија открива дека на двете свадби носела различни фустани. Лани кога дошла дома си купила невестински фустан, од кој норвежаните биле одушевени и не верувале дека е од Македонија. За македонската свадба купиле нов, повторно од тука.

Тие раскажаа и за норвешкиот обичај што и тие го направиле. Младите еден ден, кога тоа нивните другари ќе го посакаат, без најава, требало да бидат облечени како што друштвото сака. Во нивниот случај, Кенет за да не може да седне во скијачкиот костум, му ставиле живи јајца, а Викторија ја облекле како кловн и морала да ги забавува со пеење. Тоа го минале, а веќе размислуваат како да постапат за свадбата на нејзиниот брат и снаа в година.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »