речник контакт

Обвинетиот судија Панчевски не дојде на судењето во Основен суд Велес

Иако не му била врачена поканата за судење, Панчевски се жалел на одлуката велешкиот суд да биде надлежен за овој судски процес

Петар Печков

Не започна судскиот процес во кој е обвинет  поранешниот претседател на Основен суд Скопје 1, Владимир Панчевски.  Ниту него, ниту неговите адвокати ги немаше во судницата на Основен суд Велес.  Судијката Габриела Гајдова, која го работи предметот, кажа дека во два наврати на 18 септември и на 1-ви октомври му е испратена покана, како и обвинителниот предлог заедно со доказите, на адресата која е запишана во обвинението. 

И во двата наврати му било оставено известие, по кое тој не постапил, поточно ,,не побарал,, како што нагласи судијката. Од СВР Скопје на 4-ти октомври било побарано да се извршат оперативни проверки дали Панчевски живее на адресата  која е во обвинителниот предлог. Скопската полиција, не постапила по ова барање, ниту го известила судот за причините зошто не постапила. Иако обвинетиот  судија Панчевски не примил никаков документ за процесот, тој се жалел до велешкиот суд. 

На 17-ти октомври Панчевски испратил приговор за месна надлежност на Основен суд  Велес и бара да се прогласи за ненадлежен. Истиот ден е донесено решение  дека приговорот е одбиен но решението се уште не е правосилно.  На 17 октомври Панчевски преку Основен суд Велс испратил до Врховен суд  предлог за изземање на месната надлежност на велешкиот суд, со предлог предметот да се работи во друго Апелационо подрачје - кажа судијката Гајдова. 

Таа побара од СВР Скопје да извршат оперативни проверки, на која адреса живее обвинетиот Панчевски за да му се врачи обвинителниот предлог.  Потсети дека кривичното дело за кое е обвинет Панчески не е предвидена задолжителна одбрана и во случај на отсуство на неговите адвокати на следните рочиште, главната расправа нема да се одлага.   Неговите адвокати Глигор Петковски и Горан Ѓорѓиевски не беа присутни во судницата, иако првиот бил уредно повикан преку електронска пошта.   Панчевски на  неговиот фб профил  вчеравечер  напиша дека  нема добиено покана, не бил уредно известен , ниту пак го имал добиено обвинението, ниту решение со кое е образложено зошто ќе му се суди токму во Велес.

Скопска Апелација како второстепениот суд утврдил дека обвинетиот е судија во  Основен суд Скопје 1 и да се исклучи секакво сомневање во непристрасноста на првостепениот суд што би можела да влијае врз перцепцијата за објективноста на судот, како и согласно член 6 од Европската конвенција за човекови права, постојат причини за пренесување на стваранта надлежност. Поради тоа со решението на Апелациониот суд – Скопје, Основниот суд Велес се определува за надлежен да постапува по конкретниот предмет.

Обвинителството го товари Панчески за кривичното дело ,,Злоупотреба на службената положба и овалстувања,,.  Обвинителството утврди дека во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година, обвинетиот како службено лице – претседател на Основен суд Скопје I Скопје, со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на кривичното  дело, со пречекорување на границите на своето службено овластување. 

Обвинетиот како претседател на судот влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување. Панчевски  со ставање на писмен „параф“ од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот. 

Обвинителството констатира дека  Панчевски наредил распределба кај конкретни судии на четири предмети доставени од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, на два предмети кои во судот биле доставени на натамошна надлежност од Основните судови Неготино и Куманово, на 41 предмет доставен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и на две обвиненија поднесени од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Следната главна распав е закажана за средината на ноември. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »