речник контакт

Обвинетите Чадиев и Колев со идентично сведочење, претседавачот на Советот има право да користи службено возило

На следното рочиште ќе се слушнат завршните зборови, по што ќе следи објава на пресудата

Петар Печков

Судењето за злоупотреба на службената должност, влегува во завршница.  Во овој предмет кој се води во Основен суд Велес, обвинети се поранешниот градоначалник Славчо Чадиев и поранешниот претседавач на Советот Александар Колев. 

Откако на почетокот на процесот тие кажаа дека не се чувствуваат виновни, за делото за кое се товарат,  денес пред судијата Шефшет Адеми,  беа во својство на сведоци.  И двајцата обвинети со идентичен став, дека  Колев, имал право да користи службено возило. 

И јас кога бев претседавач на Советот користев службено возило, други тоа го правеа во претходни мандати пред мене а и сегашниот претседавач има право да користи - рече Чадиев.    

Секогаш сум барал возило, во различни случаи од различни личности. Од секретарката на градоначалникот, од некој од шоферите, или клучот кога беше оставен кај обезбедувањето на зградата.  Мислам дека имам право да користам возило, без некој да ми одобри. Јас ги користев службените возила, како што пред мене некој друг ги користел. Никој не ме опоменал додека сум ги користел службените возила, дека постапувам спротивно на некој документ  - изјави Колев. 

На прашањето од обвинителката Славица Темелковски, дали градоначалникот  има обврска да се грижи за имотот на општината, во што спаѓаат и службените возила, екс градоначалникот Чадиев одговори потврдно, со ,,да,,. На следното рочиште, 12 март,  ќе се кажат завршните зборови, по што судијата ќе ја објави пресудата. 

Чадиев  како службено лице – градоначалник е обвинет дека  постапувал  спротивно на одредбите од Правилникот за користење и одржување на службените моторни возила и на Наредбата за користење и одржување на службените моторни возила и со усно одобрение допуштил тогашниот претседател на Советот во периодот од 23.02.2014 година до 09.08.2016 година, во повеќе наврати, да користи две службени моторни возила за лични приватни потреби, без реверс за нивно користење и без притоа да достави пополнет евидентен лист за патувањето.

Колев пак  како претседател на општинскиот Совет,е обвинет дека  без поднесено писмено барање, возилата ги управувал самостојно и со искористување на својата службена положба и овластување  и за себе прибавил имотна корист од поголема вредност. Тој во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри и во вредност од 170.598,00 денари, за кои била извршена исплата од сметката на оштетената општина Велес по доставени фактури изготвени врз основа на испратници своерачно.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »