речник контакт

Обрезание Господово и Св.Василиј Велики. 14 јануари

Три празници во еден ден, Василица, Стара Нова Година и обрезание Господово. Именден празнуваат: Васил, Василка, Васка, Весела, Веска, Нове, Новка...

Петар Печков

Осмиот ден после раѓањето, Христос бил однесен во храмот и обрезан. Во Стариот завет со тоа се запечатувала припадноста на народот наследник на Божјите ветувања. Об¬резанието инаку е праслика на тајната на крштението и како такво има значење и во новозаветната Црква. Овој празник се празнувал уште во првите векови на христијанството.

Денес се слави и свети Василиј Велики, кој се упокоил на овој ден. Тој е еден од тројцата најголеми црковни учители од четрвтиот век. Родум бил од Кападокија, завршил школа во Атина. Бил го¬лем христијански философ, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Се упокоил во 379 година.

Обрезание Господово како Господов празник секогаш доаѓа на прво место. Според еврејските закони секое машко дете на осмиот ден од раѓањето се носело во храмот каде што било обрежувано, а притоа му било давано и име. Овој чин се сметал за воспоставување врска со Бога поради што необрежаните се сметале за неосветени и нечисти, а со тоа и отпадници од еврејскиот народ.

Исус како божји син можел и да не биде обрежан, но тој не дошол на земјата за да ги негира законите, туку за да ги потврдува и да служи за пример. Поради тоа светото семејство на осмиот ден од раѓањето го донесло во храмот новородениот син каде што по извршувањето на овој обред му ставиле име, онака како што им рекол ангелот при јавувањето на Света Дева Марија, Исус (еврејски збор што значи Спасител) и Христос (грчки збор што значи помазан).

Во спомен на овој настан светата црква го востановила празникот Обрезание Господово, на осмиот ден по Божик - денот на Христовото раѓање.

Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска. Роден е во овој град во 329 година од побожни родители, татко кој исто така се викал Василиј и мајка Емилија. Уште мал се стекнал со образование, примил свештенички чин и го учел народот на божјата наука.

На големата популарност му завидувал тогашниот владика во Кесарија поради што Василиј заминал во пустина каде што останал до смртта на владиката. Потоа се вратил и бил поставен за владика, направил многу добри дела по кои црквата уште го споменува. Умрел на 1 јануари 389 (според некои 379) поради што црквата секоја година на овој ден го празнува споменот на неговото име. Останал како пример за позитивни човекови особини поради што црквата го нарекла Велики.

Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата Божја.

Се верува дека овие денови за човекот се опасни бидејќи тогаш мртвите се во движење, разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили се активни и на сите начини сакаат да му напакостат. За заштита од овие негативни демони човекот во овој период избегнувал некои потешки работи, но изведува и разни магиски заштитни дејствија. Особено познати се некои обичаи како бабарските, русалиските и сл. од кои траги на почвата на Македонија се одржале до денес.

Посебно интересна е една драмска игра со маски која се среќава на теренот на цела етничка Македонија, но секаде со различни имиња според имињата на учесниците во играта: во охридско-василичари, во битолско-бабари, во скопско-џамалари, во тиквешијата-џаламари, во разлошко-сурваскаре, во костурско ешкари и тн. Иако во повеќе места оваа драмска игра се играла во текот на сите дванаесет Некрстени денови сепак таа најчесто е поврзана со празникот Василица.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »