речник контакт

Овации за Биљана Драгичевиќ Пројковска во Народниот театар во Софија

Македонcката актерка Биљана Драгиќевиќ Пројковска,настапи во претставата „Животот е прекрасен“ на сцената на Народниот Театар „Иван Вазов“ во Софија

Петар Печков

Во средата, на 22 февруари, македонската актерка Биљана Драгиќевиќ Пројковска играше како гостин на сцената на Народниот Театар „Иван Вазов“ во Софија. Пројковска настапи  во улогата на ликот Серафима Илинична, како дел од претставата "Животот е прекрасен" во режија на Александар Морфов, еден од водечките европски режисери на денешницата.

Пројковска имаше повеќе пати аплаузи на отворена сцена во текот на претставата, а на крајот од изведбата беше поздравена со бурни аплаузи и овации.
 
И македонската публика имаше можност да ја гледа Биљана Драгиќевиќ Пројковска, толкувајќи го истиот лик на Серафима Илинична, во изведба на „Животот е прекрасен“, поставена во Македонскиот народен театар, во режија на Александар Морфов.

Важно е да се спомене, дека оваа македонска врвна актерка за истата улога ја доби и престижната актерска награда на Македонскиот Театарски Фестивал „Војдан Чернодрински“, за најдобра епизодна женска улога на изданието на Фестивалот во 2016 година.

Народниот театар „Иван Вазов“ со оваа изведба го прослави јубилејот по повод 100-годишнината од раѓањето на големата режисерка и професорка Јулија Огненова. По повод јубилејот на сцената на Народниот театар се одигра претставата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман на режисерот Александар Морфов, кој што е еден од нејзините најпознати ученици.

Претставата е создадена според драмата "Самоубиецот" на Николај Ердман, која долги години беше забранета за играње од властите во Советскиот сојуз.  Таа е една од најдобрите и најгледаните во Народниот театар  во Софија и билетите за синоќешната изведба беа распродадени неколку месеци порано.

Во претставата заедно со Пројковска играат големи актерски имиња од Народниот театар: Камен Донев, Рени Врангова, Албена Колева, Руси Чанев, Радина Боршош, Теодор Елмазов, Дарин Ангелов, Валентин Танев, Иван Брнев, Павлин Петрунов, Биљана Петринска, Јордан Петков, Емил И. Марков, Валентин Балабанов.

Поканата за гостувањето на сцената на Народниот театар во Софија, е големо признание за нашата актерка, бидејќи овој театар со своите претстави е еден од водечките во регионот.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »