речник контакт

Овошјето и зеленчукот од Македонија наместо во Русија, ќе може да се извезуваат без царина во Украина

За надомест на штета поради хаваријата на системот за наводнување „Макарија“ министерот ги задолжи локалните власти од Росоман и Градско да изготват елаборат и ги проценат евентуалните штети а Владата ќе ги обесштети

Петар Печков

Македонското овошје и зеленчук ќе се пласираат на пазарите во Украина. Ова денес го најави министерот за земјоделие Љупчо Николовски, одговарајќи на новинарското прашање, како државата ќе им помогне на одгледувачите на праски од најголемиот  регион  во земјава,  Росоман, кои нема каде да го пласираат родот. 

Украина треба да е замена за Рускиот пазар, кој македонските одгледувачи го загубија по инвазијата на Русија врз Украина и забраната за извоз на тамошниот пазар.

„По потпишувањето на договорот за слободна трговија во делот на земјоделството, потпишан во Прага  помеѓу нашиот и Украинскиот премиер, договорот македонското собрание го ратификуваше, исто и Украинската страна.   Тоа значи без царински извоз на  приоритетното македонско овошје и зеленчук на тамошниот пазар.  Како олеснување за  пласман на родот на овоштарите,   летово ќе се откупат 880 тони праски, кајсии, цреши, јаболка, сливи и круши, како оброк за децата во градинките, проект кој дава успешни резултати“ - рече министерот Николовски.  

Тој со премиерот Димитар Николовски беа во обиколка на градежните работи за поправка на системот „Макарија“, кој не е во функција од 27 мај.  Според Николовски реконструкцијата ќе трае најмногу 45 дена. Санацијата  ќе чини  1,3 милиони евра.

„Треба да се поправи цевководот во должина од 400 метри.  Дефектот се случил на мостот, што потоа се одразило и на цевководот кој е доста стар. Реконструкцијата  е тешка и сложена работа. Добро е што имало набавено цевки, оти во спротивно тоа ќе беше долг процес и за земјоделците, поточно по родот, ќе беше мошне лошо“ - рече  проф. др. Петко Пеливаноски од Градежниот факултет во Скопје.

Дилемите на земјоделците од регионот за надомест на штетите,  поради тоа што немаат вода за  поливање, ги расчисти министерот Николовски. Тој побара од општините Росоман и Градско, ако има штети, комисиите да излезат на терен да  извршат проценка а Владата ќе ги обесштети земјоделците, како што тоа било случај минатите години.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »