речник контакт

Од понедeлник во аптеките сепак нови намалени цени на лековите

Аптекарите бараат да се одложи примената на единствените цени на лекови, кои треба да стартуваат од понеделник, министерот Тодоров барањето не го прифаќа.

Петар Печков

 Аптекарите  бараат да се одложи примената на единствените цени на лекови, кои треба да стартуваат од денес ( понеделник), министерот Тодоров  барањето не го прифаќа.  Фармацевтската комора на Македонија побара одложување на намалувањето на единствените цени на лековите за петнаесетина дена. Тие од министерот за здравство Никола Тодоров побара наместо од  15 октомври, новите единствени цени да се применуваат од први ноември.

Постојат повеќе причини заради кои го упатуваме ова барање, а целта е обезбедување на квалитетна имплементација на истите без да се предизвика вештачка дефицитарност од технички причини, како и нормално снабдување на пациентите со лекови, без застој. Временскиот период за подготвување на аптеките за имплементирање на новите цени во практиката е многу краток. Пресметувањето на ДДВ се врши  од 1 секој месец а  примената на новите цени е од 15 во месецот.  Според искуството од март годинава  тоа е технички  тешко изводливо. Совфтверското решение е прилагодено согласно Договорот со Фондот за здравство и промената на цените во средината на месецот бара временски период за негово усогласување. Овие проблеми не би се јавиле доколку примената почнува од први во месецот. Со промената на цените ќе се појават залихи на лекови по стара цена, чие нивелирање исто така бара соодветно упатство и период за прилагодување – велат од  Фармацевската комора на Македонија која во петокот во Велес одржала работен состанок.

И додека тие посочуваат на проблемите со кои се судруваат, министерот од Велес им порача дека имаа доволно време оваа обврска да ја сработат и наместо да реагираат, викендот да го минеле работно.

Многу често се случува  во Македонија да има многу барања, определени писмени реакции до нас, како што е овој случај со фармацевтите. Тој рок, што тие бараат да се помести е прецизиран, нормиран и дел од правниот систем. Наместо да се губи време на вакви непотребни барања, потребно е  и добро беше викендот да се искористи за  прилагодување на цените, за од 15-ти октомври како што е предвидено, да започне  нивната примена. Така е утврдено со методологијата. На оваа задача е работено еден месец и не гледам ниту една причина за промена. Аптеките се одговорни да ја почитуваат уредбата која е одамна објавена и познато е дека корекцијата на цените се прави два пати годишно на 15-ти март и 15 октомври. Како што немаше тогаш проблеми, не очекувам дека и сега ќе ги има а надлежните од Бирото за лекови ќе внимаваат како се работи – изјави Министерот Тодоров, при посетата на Велес.

Од Фармацевската комора пак  се извинуваат на пациентите доколку се јават очекуваните проблеми при снабдувањето и издавањето на лековите и ги молат за разбирање  пациентите. Велат ќе направат се за што побрзо прилагодување на промените и ќе вложат максимални напори да се намали застојот во снабдувањето.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »