речник контакт

Од понеделник 2 октомври започнува јубилејното 20 издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“

Публиката ќе има можност да види 30 настани во 10 фестивалски вечери и седум претстави во официјалната конкуренција за награди. Учесници се театри од Грција, Бугарија, Србија, Турција, Казахстан и Македонија

Петар Печков

Од понеделник 2  до 12 октомври во Велес ќе се одржи Фестивалот на античка драма „Стоби“, годинава јубилеен по 20 пат.  Организатор е велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, чиј директор  Сашо Димоски, на денешната прес конференција ги најави содржините.

Публиката ќе има можност да  види  30 настани во 10 фестивалски вечери, и седум претстави во официјалната конкуренција за награди. Учесници се театри од Грција, Бугарија, Србија, Турција, Казахстан и Македонија.  

„Мотото на јубилејното издание е „Нови манифести“, не случајно. Целта е да се обидеме преку естетичка смисла,  да ги артикулираме манифестите на новото театарско време, кое денес го живееме. Овој слоган се врзува   со стожерниот проект на велешки театар во сезоната 2023/24 година, манифест кој е централна работа во програмските активности на театарот“ - кажа директорот Сашо Димоски, кој е и претседател на организацијата на Фестивалот.

 На ФАД  „Стоби“ во конкуренција за наградите  се претставите: „Антигона“ според текст на Жан Ануј и фрагменти од Софокле, во  режија на  Александар Морфов на Драмски театар Плевен, Бугарија,„ FAIRFLY“ од  Џоан Јаго, според грчките митови за преобразбите во режија на  Марк Левитас  во изведба на Галата Перформ  од Истанбул, Турција, „Седмиот ден“ според библиски мотиви и романот на Горан Врачар,  на Белградско народно позориште и Патувачкиот актер, режија на Александар Лазиќ, „Моето име е Медеја“ на Народен театар Битола, работена по текст на Милан Марковиќ а во режија на Себастијан Хорват,   „Антигона“   според Жан Ануј во  режијана  Куандик Касимов на Градски куклен театар за деца и младинци - Шимкент,  Казахстан, „Жени во собрание“  авторски текст на Билјана Крајчевска ,според Аристофан режија: Кендрим Ријани на Театар Комедија -Скопје, „Бакхи Агава“  авторски текст на Тамара Барачков според Еврипид, во режија на Нина Николиќ, на  МНТ, Градски театар од Јанина Грција и Перипетија продукција.

По секоја претстава ќе има и тркалезна маса. Предвидени се и три  изложби на фотографии „Химна среде урнатини“, на Ѓорѓи Митревски, изложба на фотографии од костими на Благоја Мицевски „Драма, опера, балет“ и на Данчо Стефков „Мемоар“. Во оф програмата најавени се две театарски претстави, потоа театарски работилници. Жирито во состав Катерина Момева драматург, Јордан Витанов актер и Љупчо Георгиески Бубе режисер, ќе се претстават пред публиката  со нивни работилници. 

Претставите на театар Комедија и Битолски театар ќе се изведат на матичните сцени  а  организаторот ФАД Стоби обезбедува и превоз до Скопје односно Битола. Битолската претстава „Моето име е Медеја“ е победник на националниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински кој се одржува во Прилеп. За последниот ден на Фестивалот е предвидена пенел дискусија, со актерите од велешки театар, на тема „Антигона 30 години подоцна“ за почетоците на играње на претстави со антички текстови, играни во локалитет „Стоби“.

Затворањето на фестивалот и доделувањето на наградите е на 12-ти октомври, со гала концерт на Македонската Опера. Фестивалот финансиски е поддржан од Општина Велес и Министерството за култура и ќе се одржи на сцената од велешки театар, бидејќи античкиот театар во локалитетот  Стоби е во фаза на конзервација.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »