речник контакт

Одбојката во Велес низ годините

Пишува долгогодишниот претседател и одбојкарски работник Владе Диневски

Петар Печков

Одбојката во Македонија почнала да се игра во летото 1930 година кога во тогашна Југославија преку Чешката организација „ Сокол„. Првото Жупско првенство се одржува во Скопје 1933 година во склопот на Соколарскиот слет и кој се смета  за официјален  натпревар  на одбојката во Македонија.

На ова Соколарско првенство учествуваат Соколите од „Матица„ Скопје, од Хандриево, денешно Ѓорче Петров, како и соколите од  Велес, Куманово,Кочани,Штип и Тетово. Познато е само дека првото место го освојува „Матица„ од Скопје. Надвор од соколарските друства одбојка почнува масовно да се игра и во Гимназијата а со помош на директорот Поповиќ, за да наредната година се одржи и меѓукласно првенство со правила на игра за која се потрудил вљубеникот во оваа игра Поповиќ.

 

Во објавените монографии за ОК „Борец„ не се споменува податокот дека 1946 година на 7 јули во Битола  ќе се одржи првото првенство на Македонија, се разбира турнирски, од Скопскиот, Велешкиот, Штипскиот и Битолскиот  округ. Велешани учествуваат(како градска екипа) со 1 машка јуниорска екипа, 1 сениорска машка екипа и 1 сениорска женска екипа!!!. Учесниците не ми се познати.

Победуваат: во машка конкуренција Битолчани а во женска Скопјанките.

На 10.09.1947 на второто турнирско републичко првенство, велешките одбојкари не настапуваат како градска екипа ами како Фискултурно Друштво  „Единство„ и се играло по правилата на ФИСОМ. Во Велешката околија играат: ФД „Единство„ од Титов Велес,ФД „Шар“ од Тетово, ФД „11 Октомври“ од Куманово.

На 12.09.1948 година се одржува јуниорско првенство на Македонија и учествуваат: Вардар и Работнички од Скопје, Работник од Битола,Гоце Делчев од Прилеп, Црвена Ѕвезда од Титов Велес и Брегалница од Штип.

На 19 септември 1948 година во Тетово се одржува сениорско  првенство на Македонија на кое учествуваат во машка конкуренција: Брегалница Штип, Црвена Звезда од Титов Велес, Работник од Битола, Вардар од Скопје и Шар од Тетово. Во финалето Брегалница го напуштила теренот и победник е Вардар од Скопје.

Исто така интересно е дека во 1949 година на 29-ти  септември  Титов Велес во натпревари на градски друштва учествува со 2 екипи (во Скопје) и во категорија на младинки го освојува 1-во место!!!.

Од 1-3 септември 1951 година се одржува турнир во Скопје а Велешките одбојкари настапуваат  под името „Железничар„ и го освојуваат 3-то место.

На 20.09.1953 година се одржува градски турнир на Македонија на кој учествуваат екипи од: Скопје,Титов  Велес, Гарнизон на ЈНА, Неготино, Тетово, Прилеп, Кичево, Кочани,, Берово, Гевгелија, Струмица, Куманово и Ѓорче Петров. Истата година се одржува уште еден турнир на кој учество земаат градските екипи од: Скопје, Титов Велес, Струмица, Тетово, Кичево, Гевгелија и Неготино. Победник е екипата на Скопје а второ место е  Титов Велес.

После 2-та светска војна,  одбојката била многу присутна како во машка така и во женска конкуренција, се до 1956 година кога официјално  е формиран Клубот ОК„Локомотива„.

На турнирот во Струмица 1958 год., настапува  ОК „Локомотива„  каде отиде како 14-та, аутсајдер екипа, и го освои првото место, на кој турнир Мијаков е влезен во 10-те најдобри играчи во Македонија.

Повеќето велешани не се сеќаваат на Живко Тодоров, но овој велешанец, кој подоцна замина во Скопје, на крајот на 1958 година е избран за еден од најдобрите одбојкари во Македонија, се разбира во 10-те најдобри.

Наредната 1959 година играчот на ОК „Локомотива„ од Титов Велес Пецко Димов е избран во најдобрите 10 одбојкари во Македонија.

Во 1960 година во декември избрани се 10 најдобри одбојкари во Македонија за тековната година. Во нив бил избран Панче Караџов од ОК „Работнички„од Титов Велес. Само  оваа година екипата го носеше името ОК „Работнички„ и претседател бил Перула Костовски, познатиот меѓународен фудбалски судија.

Само да се напомене дека ОК „Локомотива„ 1964 година на полусезоната беше на 1-во место.

ОК „Борец се стекнува со право да игра во Втората сојузна лига која се формира 1968 година.

За 20 век најдобра екипа во Велес е прогласена Ракометната екипа, сметам дека требаше да биде Одбојкарската, еве зошто. Од 1968-1991 година играше во сојузен ранг а од тие години три во Првата лига. Играше на полуфинален турнир на СФРЈ во Суботица. (Тука се во предност ракометарите, играа во финалето). Ако публика собраа на еден натпревар, околу 12.000 илјади,  ние одбојкарите  собиравме 3-4.000 секој натпревар. Не сакам да го минимизирам квалитетот на РК „Борец„.

Горното го пишувам за оние на кои одбојката им е во срцето , „која тешко зема ама кога ќе те земе тешко те пушта„,- др. Томич, прв доктор на науки во одбојка во СФРЈ.

Продолжувам со истражување и во колку најдам нешто ново истото ќе биде објавено, во колку некој поседува некоја фотографија стојам на располагање, иако одбојкарите и ѕвездите на одбојката  - секоја чест на поединци, не се заинтересирани, не само за одбојката, туку воопшто за дружење поготово во здружението . „Ветерани„.

автор на текстот е долгогодишниот  претседател и одбојкарски работник Владе Диневски 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »