речник контакт

Опремата на железница во велешко се краде не во метри, туку во километри

Со кражбите сериозно се нарушува безбедноста на железничкиот патнички сообраќај, како за учесниците, за патниците, за лицата кои се во околината па дури и за самите сторители.

Петар Печков

Опремата на железница во велешко се краде не во метри, туку во километри, не во килограми туку во тони. Ова се поразителните податоци  кои месечно ги прибираат во ЈП МЖ- инфраструктура. Со кражбите сериозно се нарушува безбедноста на железничкиот патнички сообраќај, како за учесниците, за патниците, за лицата кои се во околината па  дури и за самите  сторители.

Крадците не избираат што ќе украдат, сигурносни и напојни  кабли, сообраќајни знаци, шини, делови од вагони, се што е метал и што може да се продаде. За малку пари кои ќе ги заработат во откупните центри, тие прават милионска штета на Македонски Железници. Крадат и нафта која потоа ја користат за греење или за земјоделската механизација. Не сакаат да помислат каква нематеријална штета можат да направат со крадењето, бидејќи така се доведува во опасност  безбедноста на сообраќајот, посебно на железничките премини – велат од ЈП МЖ инфраструктура.

Како највпечатливи примери тие ги посочуваат кражбите годинава кога ново поставениот сигнализационен кабел на железничката пруга Велес- Богомила беше на три места украден во вкупна должина од 1,5 км. Поради ова не може да се стават во функција безбедносните рампи кои се инсталирани.  Двајца велешани М.Н. ( 55 год) и С.П. ( 25 год) пролетва беа фатени како во нивниот  автомобил  превезуваат железнички шини и сообраќаен знак  ,,Андреев крст,, кој се поставува на необезбедени железнички премини. Полицијата утврдила дека тие ги украле знаците од четири премини, меѓу нив и тие од  пругата кај селата Бистрица и Согле. 

Овие двајца крадци од железничката пруга кај село Теово во повеќе наврати вкупно украле десетина метри шини. Рекордна е кражбата од штипската пруга кај Лозово, кога беа украдени 30 метри шини а крадците фатени како со автомобил ,,застава 1.300,, го пренесуваат исечениот метал.  Велешанецот М.Т. (56)  на почетокот од годинава, за пет месеци извршил  пет кражби и  одземал бакарно носечко јаже, акумулаторски батерии, бакарен контактен проводник, сигнални бакарни кабли и нафта од  возило дресина. Тој украдениот бакарен кабел го препродавал  нафтата си ја користел за домашни потреби.

Поради кражбите на сигнализациониот кабел, со кој се спуштаа сигурносните рампи во Велес, истиот го вкопавме на длабочина од 1,40 метри, па така повеќе од година и пол немаме кражби, а со тоа рампите функционираат без проблеми а сообраќајот во центарот на градот е безбеден. Но затоа не други места успеваат да го крадат. Крадците се опремени со соодветни средства и тоа стручно го прават. Има случаи кога со секири сечат кабли кои е под напон и вистинска среќа е што досега немало у жртви – велат од железницата.

Меѓу најбизарните кражби е таа од пред некоја година, кога повеќе лица го исекоа мостот на реката Вардар, кај локалитетот Стоби. Железница ова го води како  кражба за што кривично ги гони лицата, кои пак тврдат дека имаат валиден документ од АРМ дека мостот бил нивна сопственост и тие со нивно знаење и дозвола го исекле.

За првите девет месеци до годинава на подрачјето на СВР Велес се регистрирани 16 кривични дела каде е оштетена ЈП МЖ. Најчесто  се крадат  бакарни јажиња, сигнални бакарни кабли и нафта. Од овие случаи 13 се расветли а против сторителите полицијата поднела соодветни кривични пријави. Оваа бројка споредбено со минатите години е пониска. Последна судска пресуда од пред некој ден, за кражба беше против лицата Е.М. ( 23) и М.Т. ( 34 год) кои добија по пет месеци затвор. Тие биле фатени на дело и фотографирани, како во близина Велес, на пругата кон Скопје крадат кабел.
                           

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »