Петар Печков
Објавено: петок, 03 јануари 2025
Мостот на Вардар кај Башино село од денеска, петок 3 јануари е привремено затворен за секаков вид на сообраќај. Ваква одлука донесоа надлежните институции откако го добија официјалниот извештај од Градежниот факултет во кој стои дека на мостот се забранува секаков вид на сообраќај бидејќи конструкциите се од висок ризик.
Одлуката во јавноста ја соопштија премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на ЈПДП Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Велес Марко Колев
„Нарушена е стабилноста на мостот, има сериозни вибрации и хоризонтални и вертикални, има пукнатини и на мостот и на столбовите и не е безбеден за сообраќај истакна градоначалникот Марко Колев.
Во меѓувреме се чека техничко решение од стручните служби на Градежниот факултет за санација на мостот, кој според надлежните се очекува да биде повторно пуштен во употреба за 60 до 90 дена. Паралелно се подготвува идејно решение за изградба на нов мост кој ќе биде неколку метри под постоечкиот.
Tweet |